Само неколку дена откако „Република“ пишуваше за проблемот кој го имаат граѓаните кои се обидуваат да стигнат до гробиштата на најблиските, а не можат од чопорот на кучиња скитници, нов случај на нападната скопјанка стигна до нашата редакција.

Таа вели дека со денови не може да го посети гробот на блиските, зошто не е само едно, туку кучиња се многу, големи се и агресивни, ги пратат посетителите во чекор и напаѓаат кога и да намирисаат храна. Се гледа дека не се третирани, додава, затоа што немаат никаква ознака на себе.

На текстот реагираа и доста граѓани кои се соочиле со истиот проблем. Велат, се случило кучињата да откопуваат и свежо послана земја.

Од Градските гробишта во „Бутел“ велат дека добро се запознаени со овој проблем и прават сè што е во нивна моќ за да се реши и граѓаните да можат без страв да ги посетуваат гробиштата, а воедно и самите тие вработени да одат на работа. Додаваат дека имаат одлична соработка со ЈП „Лајка“, каде веќе неколку пати се имаат обратено со барање за заловување на кучиња скитници, и тие имаат возвратено со нивно собирање и згрижување.

Меѓутоа голем е бројот на граѓани кои намерно ги носат и оставаат кучињата на гробиштата поготово за време на викендите, кои се оставени на милост и немилост, гладни да претураат по оставената храна на гробовите или во најлош случај да ги напаѓаат поситителите барајќи спас. Дополнително да се напомене дека гробиштата се ОГРОМЕН отворен простор. Апелираме: Не ги оставајте кучињата на гробишта, бидејќи истите Вие по некое време и се жалите на кучиња скитници кога доаѓате тука. Се надеваме на поголема свесност, секако и соработка со ЈП „Лајка“ овој проблем да го отстраниме и кучињата да добијат вистински дом и сопственици кои со љубов ќе ги чуваат, велат од „Бутел“.

Дали се запознаени со проблемот и како работат на тоа тој да биде решен прашавме и во стационарот „Лајка“. Иако беа испратени пред 24 часа, одговори на прашањата нема, а оттаму телефонски ни порачаа дека колешката задолжена за медиумите е зафатена и дека ќе одговори кога ќе може.

Нејсе, но проблемот не само што не е решен, туку и постојано се влошува. Причина за тоа е и што кучињата кои не се вдомуваат, се враќаат на локацијата од каде што биле заловени.

Целта на сите стационари е заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани, а не нивно трајно задржување, ни кажаа од Град Скопје пред отворањето на „Лајка“.

Во статистиката достапна на нивната страница, од отворањето, во шест месеци од „Лајка“ заловиле само 399 кучиња, од кои 223 биле вратени на локација, а 74 биле вдомени. Според анализите кои ги правеа заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство оваа есен, на скопските улици има околу 2.000 кучиња. Од претпријатието тогаш кажаа дека на граѓаните им изгледа дека во градот има повеќе кучиња бидејќи се собираат во чопори.

Само во вчерашниот полициски билтен се забележани шест случаи на искасани граѓани. Тој број дневно ретко кога е помал од три пријави, што значи стотина искасани скопјани месечно. Доколку за секој напад Градот е тужен, а оштетата е околу илјада евра, тогаш и логично е прашањето за што воопшто граѓаните плаќаат за да постои Јавно претпријатие „Лајка“?

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.