Компанијата „МГ Фешн“, во консултација со својот адвокатски тим, има основа за целосно легитимна правна постапка за претрпена штета, доколку Општина Центар донесе одлука за суспензија на деталниот урбанистички план со кој е засегната „МГ Фешн“ како инвеститор на проектот „Гранд Скопје“,  наведе денеска во соопштение компанијата.

Евентуалното прифаќање на иницијативата да се искористи законската можност за суспензија на планот за градење, од страна на Општина Центар, како што посочуваат, ќе предизвика огромна материјална штета по нив како инвеститор.

– Штетите кои ние како инвеститор ги трпиме од неуставно и незаконски попреченото право на градба кое произлегува од правото на сопственост, и тоа врз основа на важечки ДУП донесен во законита постапка, се проценети на десетици милиони евра и таа штета потенцијално ќе падне на товар на општината. Според законот, за урбанистичките планови од локално значење штетите ги сноси единицата на локалната самоуправа, односно Владата, за урбанистичките планови од државно значење, истакнуваат од МГ „Фешн“.

Согласно членот во Законот за урбанистичко планирање на кој се темели иницијативата за суспензија, додаваат, треба да се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена при спроведување на планот и која би се зголемувала со неговото спроведување. Притоа, велат од компанијата, не е јасно која е таа несомнена штета по јавниот интерес, „особено со оглед на фактот што Општината нема ниту еден доказ за ваквата штета“.

– Не само што штетата не е докажана, туку и на овој начин одредбите од законот се злоупотребуваат за цели кои се во спротивност со јавниот интерес и правата на граѓаните. Граѓаните, жителите на општината и државата трпат штета, затоа што со стопираната градежна активност во општината се намалува конкуренцијата во станбената изградба и расте просечната цена по метар квадратен во таа општина, општината не остварува приходи од комуналии, кој е главен извор за финансирање, со што на општината и се намалува можност да решава проблеми од локално значење, и на крајот државата не остварува приходи од данок на додадена вредност, и други давачки, со што трпи буџетот, велат од „МГ Фешн“.

Деталниот урбанистички план, посочуваат, е донесен во законита постапка, во која од страна на вклучените органи Град Скопје, Министерство за транспорт и врски била проверувана усогласеноста на планот со плановите од повисоко ниво, вклучително и Генералниот урбанистички план, по што по спроведена јавна анкета истиот план бил донесен, а сé до донесување на нов, додаваат, на важност е посточекиот детален урбанистички план.

Идејното решение, кое е одобрено од Општина Центар, информираат, е со параметри кои се 55 проценти помали од предвидените со важечкиот ДУП .

– „Гранд Скопје“ ќе биде урбан и зелен комплекс со модерни објекти кои ќе се градат во три фази: во првата фаза еден станбено-деловен објект од 20 ката; во втората уште еден станбено-деловен од 22 ката, а во третата фаза деловен и комерцијален простор од 16 ката. Имено, согласно идејниот коцепт вкупната површина за градба е 9.165 м2, а бруто развиена површина е 89.627 м2, наспроти 13.654 м2 површина за градба и 200.000 м2 бруто развиена површина, колку што дозволува ДУП-от. Максималната височина на планирана градба изнесува 81.20м, иако согласно зададените урбанистички параметри во актуелниот ДУП истата изнесува 180 м. Во однос на зеленилото, проектот значително го надминува законскиот минимум од 20 проценти зеленило од парцелата и во истиот се предвидени 6.520 м2 зелени површини, појаснуваат од компанијата.

Додаваат дека нема да дозволат да се доведува во прашање правната постапка зад проектот „Гранд Скопје“, бидејќи, како што посочуваат, во истата нема никакви правни недоследности

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.