Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски одржа прес конференција на која изнесе факти во врска со продажбата на Градската куќа.

„ 1.Градската куќа не ги собира партиските вработувања на СДСМ досега зголемени за околу 30% и затоа се бара нова поголема зграда. Ова г. Петре Шилегов го кажа при првата најава за продажба на Градската куќа. Имено, на 26.09.2019 велеше дека ќе собере само 360 вработени, а според проектот таа е предвидена за 620 вработени или за 50% повеќе од бројот на вработени во октомври 2017 година.

2.Чаршијата веќе знае дека тоа ќе биде зградата на ЕВН до Порта Македонија или зградата на „Технометал Вардар“. Едната нема паркинг-места, а другата има само 90 паркинг-места. Ја користам пригодата да го прашам г. Петре Шилегов дали е тоа точно?

3.Доколку тоа е точно, зошто менува нова за стара зграда и уште колку милиони евра ќе ги чини скопјани реконструкцијата на новокупената зграда за да ги вдоми до сега околу 150-те нови партиски вработувања и новите вработувања коишто следуваат следните години?

4.Градската куќа поседуваше подземен паркинг на 3 нивоа наменет за вработените, за службените возила и за гостите. А, сега ја менувате за зграда без паркинг. Каде сега ќе паркираат граѓаните кои имаа потреба да дојдат и да решат некој проблем во Град Скопје? Тоа ќе предизвика сообраќаен хаос во центарот на Скопје.

5. Повозрасните граѓани на Скопје воопшто не ги изненадува оваа продажба зашто се сеќаваат што се СДСМ му одзема, односно продаде, а беше имот на Градот Скопје. Во деведесеттите години ја продадоа Топлификација, која гледам сега се обидуваат повторно да ја вратат, но тоа многу ќе ги чини граѓаните на Градот Скопје.
Го продадоа ГТЦ со сите дуќани што ги има. Го продадоа и Скопски пазар, со многу дуќани на многу локации. Ги продадоа градските аптеки, една од најдоходовните дејности. Ги приватизираа градски гробишта Бутел. Ги одземаа становите и деловниот простор на ПУИК, којшто беше имот на Градот Скопје и којшто поседуваше повеќе од 10.000 станови и деловни простори.

Прашајте во Љубљана, во Загреб, во Белград и ќе видите дека овој имот е сопственост на соодветните градови. Затоа сметам дека Градската куќа не требаше да се продава. Тоа е голема грешка. Ваквите политики завршуваат на 12 април кога народот ќе ја изрече казната за сите лаги и невистини кои им ги сторивте овие 3 години. истакна Трајановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.