Седмото издание на Авицена Женска трка ги изненади сите, пред се од рекордниот број на учеснички до големата позитивна енергија која се прошири низ улиците на Скопје.

Како предвесник на Виз Ер Скопски маратон, „Авицена Женска трка“ го истакна значењето на трчањето. Околу 2.400 учеснички стапнаа на патеката со голема мотивација и желба да покажат дека спортот и здравјето треба да е секојдневие на што поголем број луѓе.

Жени од секоја професија и со различни карактери го исполнија булеварот „Илинден“ и стартуваа од фонтана Лотус. Трката беше во должина од три километри и имаше натпреварувачки карактер.

Првото место и припадна на македонската атлетичарка Биљана Кираџиева, која ја мина делницата со време од 10:40 минути, додека втора беше Ирма Хајдари (10:54) и трета Ања Еклер (11:21).

– Ова е ден на сплотеност и заедништво. Прекрасно се чувствуваме сите. Ни претставува исклучително задоволство што можевме да го постигнеме ова како организациски тим. Најголемата енергија доаѓа од учесничките. Се гледа дека со љубов трчаат и ја сакаат патеката. Затоа со голем труд даваме се од себе оваа трка да биде што е можно подобра од година во година, порача Гордана Николовска од Сојуз на спортови од Град Скопје.

Таа додаде дека трката е посветена на Снежана Караџовска, која исто така учествуваше на Женска трка за да ја покаже нејзината желба за повторно да прооди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.