Градските власти го презентираа изведбениот проектот за реконструкција на Универзална сала, изработен од архитектот Бујар Муча.

Овој култен објект ќе биде реконструиран во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје.

Архитектот Бујар Муча од проектантското биро „Мегарон инженеринг“ објаснува дека проектот го поделиле на две фази – едната фаза е изработка на фасадата и на куполата, а во втората фаза ќе предложат решение за функционалноста на објектот, за сценската технологија и седиштата за да се направи сала што ќе блесне во својот сјај.

Се задржува постојната форма на објектот, се прави внатрешна реорганизација на просторот, се уфрлаат нови современи материјали во фасадата пред се поради енергетската ефикасност, но и заради противпожарната заштита, појаснува Муча.

 

Од буџетот на државата одвоени се 120 милиони денари за реализација на овој проект од огромно значење за скопската и македонската култура и традиција.

Универзална беше, е и станува омилена културна институција на многу скопјани, за многу деца тоа е местото на првиот концерт или културен настан. Идејата Универзална сала да ја сочуваме во постојната форма, на постојната локација, дојде по опсежна и отворена дебата и недвосмислено изразување на волјата на јавноста. Ова не значи дека се откажуваме од идејата за нова концертна сала во Скопје, но нашиот приоритет е да ја отвориме Универзална во нејзиниот полн капацитет уште во текот на оваа година. На 8 март ќе биде закажана седница на Советот на Град Скопје на која ќе ја примиме донацијата на изведбениот проект со што се создаваат услови за распишување на тендерската постапка и во текот на мај очекувам да започнат градежните работи. Изградбата на Универзална ќе биде и голем придонес за „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028“. Град Скопје како институција игра голема улога во културниот живот во Република Македонија и во нашиот град и убеден сум дека овие чекори што ги преземаме заедно со Владата ќе бидат добар пример како се поддржува културата. Универзална беше, Универзална останува дом на скопската радост, а нашата поинаква приказна во културата останува и понатаму инспирација за создавање нова уметност на задоволство на сите граѓани, вели градоначалникот Петре Шилегов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.