Одборот за доделување на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, денеска, по спроведеното тајно гласање, и официјално ги објави добитниците на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2019 година.

Добитници на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2019 се: проф. д-р Христина Спасевска, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии „Универзитет Свети Кирил и Методиј“- Скопје од областа на науката, за остварувања во науката, техниката и стопанството од областа Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Од областа на хуманитарната активност д-р Жикица Ѓорѓиевски, стоматолог, за континуирана поддршка на лицата од социјален ризик, од областа на културата д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје, од областа на уметноста, Фросина Зафировска, кустос советник во пензија за значајни достигнувања во областа на музејската дејност, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот, Бисера Чадловска, диригент, за континуирано успешно творештво во областа на музичката уметност. Од областа на публицистиката Ерина Богоева, фотограф, за изработка и издавање на монографијата со фотографии „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“, Александар Трајковски, музички педагог, истражувач и публицист за значаен придонес во областа на културата,уметноста и литературата со објавувањето на книгата „Музиката во македонскиот игран филм од Фросина до Лазар“, од областа на спортот карате клуб Работнички Скопје за 50 години постоење и постигнати врвни спортски резултати на домашен и меѓународен план, а борачот Алили Бесир ја доби наградата за освоено прво место на Европско првенство во борење за кадети. Ана Марија Атанасовска, ученичка во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин “- Скопје за постигнатите резултати во воннаставни активности и Стефан Стојковиќ, исто така  ученик во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин “-Скопје за успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот.

Тајното гласање го спроведе Комисијата што ја именува Одборот, во следниот состав: претседател Вангелина Мојаноска и членови: Лорета Георгиевска-Јаковлева, Газанфер Бајрам, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Виолета Томовска, Петре Арсовски, Роландо Кутиров, Љубиша Станковиќ и Даница Стојанова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.