Децата од скопското ОУ „Браќа Миладиновци“ во Аеродром денеска биле шокирани и преплашени откако по дојавата за бомба со аларми и пожарникарски возила биле вадени надвор од зградата. Оние од првиот кат морале да излезат преку прозорците.

Како што раскажуваат родителите за „Република“, децата не можеле да си дојдат на себе, а дополнително било проблем и да ги земат и смират зошто насекаде имало пожарникаски возила и не можеле ни да ги соберат.

Еден од татковците што стигна прв им купил чоколади, банани, водички да си дојдат на себе, раскажуваат родителите.

Пораки да ги земат децата добиле и родителите од ОУ „Киро Глигоров“ во Центар.

Според насоките со децата сме надвор спроти училиштето. Доколку сте во можност да си ги земете децата, ќе бидеме надвор подолго, пишува во пораките.

Дојави за наводно поставени бомби утрово пристигнале и во основните училишта „Љубен Лапе“, „Александар Македонски“ и „Лазо Ангеловски“ во населбите Аеродром и Ново Лисиче. И таму учениците се евакуираат, а полицијата прави антитерористички проверки.

Евакуирани се и учениците од гимназијата „Георги Димитров“.

Заканите за бомби со недели пристигнуваа само на адересите на средните училишта, а минатата недела вакви пораки добија и автобуси, трговски центри, министерства, институции, станбени згради…

Вчера закани почнаа и во основните училишта, каде децата и постресно реагираат.

Премиерот Димитар Ковачевски на последната пресконференција уверуваше дека „безбедносната состојба во државата е стабилна, а МВР целосно и успешно ја врши својата работа за да ја гарантира безбедноста на секој граѓанин“, но додаде и дека „речиси апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓаат дојавите за бомби“.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, кој пред точно еден месец тврдеше дека истрагата е при крај и многу набрзо ќе се дознае кој стои зад лажните дојави за бомби, неодамна предложи и „да се размисли овие објекти да имаат обезбедување“, што за јавноста покрена сомнежи дека децата и граѓаните секојдневно се под стрес за некој да профитира.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.