Фотографиите се направени деновиве на гробиштата во Бутел, во реонот на православните гробови во Алеа 2. Расфрлан медицински отпад помеѓу гробните парцели, искористени шприцеви, игли, стаклени шишенца, амбалажи од антибиотици, гази, памук, шишиња за инфузии…

Од другата страна, купишта картонски и пластичен смет и остатоци од исушени гранки до висина од еден метар, кои ги попречуваат патеките, кои ги поврзуваат гробните парцели.

Дали ние граѓаните на Скопје, кои одиме да изразиме почит кон нашите најмили, кои заминаа од овој свет заслужуваме ваков потресен призор, иако, секој од нас редовно плаќа гробарина за одржување на гробиштата на Акционерското друштво за погребни и придружни активности Бутел?

На нивната веб страница стои: „Гробарина е надомест за одржување на гробиштата. Одржување на гробишта е тековно и инвестициско одржување на комуналната инфраструктура и придружните објекти на гробиштата.

Одржувањето на надгробниот споменик на гробното место го врши носителот на гробното место.

Носителот на гробното место се обврзува редовно да плаќа гробарина на управителот на гробиштата заради одржување на гробиштата. Цената на гробарината годишно изнесува 320,00 денари, со можност да се плати однапред за наредните 5 години“.

Ако ние, кои ги посетуваме гробовите на нашите блиски ги почитуваме правилата на Бутел, секој сам да се грижи за одржување на надгробниот споменик на гробното место, за кој платил претходно и бездруго огромна сума пари, и за кој еднаш годишно плаќа гробарина, тогаш зошто тие, со средствата кои им ги уплаќаме на нивна сметка, не се грижат за комуналната инфраструктура на гробиштата, како што и самите напишале дека се обврзуваат?!

И зошто се навикнавме на оваа состојба, проблемите да се провлекуваат години наназад без да се преземе одговорност и да се сменат работите на подобро?!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.