Дождот не ги спречи децата да го истрчаат Детскиот маратон што по повод Денот на Европа се одржа во Зоолошката градина.

За малите да се чувсствуваат како вистински големи маратонци беше направена реплика на Скопскиот маратон, а организаторот се погрижил да не недостига ниту еден детаљ. Така, секоја трка се најавуваше, а родителите како најверна и страсна публика ги бодреа малите големи натпреварувачи.

Секое дете доби маичка со апликација на Зоолошката градина, а за гладните и жедните беа обезбедени вода и кроасани.

Беше поставен старт, но и цел на трката, каде што беше подготвена бина каде победниците на трката, поточно оние што го освоија првото, второ и третото место од сите четири категории добија награди: тротинети, ролери и спортска опрема. Сите останати учесници добија ранец со награди внатре и медали.

На маратонот денеска истрчаа 200 пријавени деца во четири категории на возраст од 5 до 8 години. Инаку, тие трчаа на 100 и 150 метри, во категорија машки на 100 метри и женски на 100 метри, како и машки на 150 метри и женски на 150 метри.

Првите три места во категоријата 100 метри (женски) ги освоија: 1. Антонија Блажевска, 2. Теона Коцевска и 3.Тамара Постоловска.

Во категоријата 100 метри (машки), првите три места ги освоија: 1. Дарјан Петковски, 2.Матеј Трајчевски и 3. Виктор Цветковски.

Во категоријата 150 метри (женски) првите три места ги освоија: 1. Илина Димиќ, 2. Ива Сатановска и 3. Виолета Ангелова.

И во категоријата 150 метри (машки) првите три места ги освоија: 1.Марко Мартиновски, 2. Бесфорт Рамадани и 3. Максим Насевски.

Целта на оваа трка е да се поттикне спортувањето уште од најмала возраст, бидејќи спортот и рекреацијата се клучни за секоја единка да биде здрава – изјави Тина Мицковска, портпарол во Зоолошката градина.

Станува збор за прв детски маратон, кој, според Мицковска, се планира да прерасне во традиционален.

Настанот е во организација на Зоолошката градина, Атлетската федерација на Македонија и Агенцијата за млади и спорт, а во организацијата се вклучени и луѓето што го организираа Скопскиот Виз Ер маратон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.