Над еден милион евра им должи Град Скопје на приватните превозници. Од „Слобода превоз“ и „Макеспрес“ за „Сакам да кажам“ велат дека три месеци не им се дадени пари, а веќе три недели не им се исплаќаат ниту неделните аванси. На „Слобода превоз“ му се должат 45 милиони денари, а на „Макеспрес“ 25 милиони денари.

Чекаме да видиме на денешната седница дали ќе бидат предвидени пари и за нас. Не може на ЈСП Скопје да им се дадат пари само за нивните плати, мора да има и за нас во спротивно и ние нема да возиме. На ЈСП им се касни три дена, а нас ни каснат три месеци, вели Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.

Милорад Димитриевски еден од сопствениците на „Макеспрес“ вели дека тие и во моментов не возат со сите автобуси оти немаат пари да стават нафта.

Денеска имаме состанок во Град Скопје и ќе видиме што ќе се одлучи, но доколку нема пари и за нас, нема ниту ние да возиме, вели Димитриевски.

Приватните превозници не возеа во мај годинава бидејќи исто така Градот им должеше пари за три месеци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.