Земјиштето кај „Холидеј ин” не е јавен простор. Тоа што треба таму да има не може да биде прашање на нечие убедување и личен вкус, вели урбанистот проф. д-р Мирослав Грчев.

Мораториумот не постои во Законот. Во Уставот не постои таква категорија. Од минатото лето постои законски инструмент кој што по исклучок, селективно, таргетирано и стручно препознаено ќе се елаборира дека еден конкретен дел од план треба да се суспендира и во исто време, вели законот, мора да почне неговата измена и тука е суспензијата како времена мерка која што треба да ги сопре штетите. Ова се случува за јасни повреди на јавниот интерес. Не се случува паушално. Мораториумот имаше легитимитет кога беше донесен, без оглед што немаше законски основ, затоа што дојде во време после системска, државна злоупотреба на урбанистичките планови на земјата, злоупотреба на градот, на јавните простори. Земјиштето кај „Холидеј ин” не е јавен простор. Тоа што треба таму да има не може да биде прашање на нечие убедување и личен вкус и не може да е предмет на разговори на нестручни луѓе. Овде се мешаат многу работи. Таму е донесен ГУП. На ниво на ГУП се одлучува за распоредот на намените, наменските зони. ДУП-от го разработува генералниот на поединечни делови и таму само се спроведува, не може да се смени она што во ГУП-от е уредено.

Ова се ставови на проф. д-р Мирослав Грчев, за упорните настојувања да се стави мораториум на ДУП и да запре реализацијата на проектот „Гранд Скопје”.

Во Утриски брифинг на „Слободен печат“, Грчев додава:

За правата на градење се одлучува на политичко -претставнички тела врз основа на стручни трудови. За згради се одлучува во Советот на општината, врз основа на изработени стручни трудови, за кои што постојат најзаштитените и најтешките процедури. Урбанистичкиот план не е решение, не е авторски труд, тоа е пропис. Просторниот план е Закон. Ние овде лицитираме, тој поминал процедура и сега ние – а не, нема да го спроведуваме.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.