Повеќе од 30 комунални проблеми на територијата на Општина Центар се пријавени од граѓаните преку мобилната апликација на ЈП Паркинзи на Општина Центар која беше пуштена во употреба пред еден месец, соопштија од ПОЦ.

Решавањето на комуналните проблеми веќе е започнато од страна на Општина Центар и ЈП ПОЦ, согласно природата на конкретниот проблем и ингеренциите кои тие ги имаат.

Голема благодарност до сите кои ја искористија оваа функционалност на ПОЦ апликацијата која е посебно важна за нас, бидејќи искрено сакаме да им излеземе во пресрет на жителите на Општина Центар и заеднички да ги решиме проблемите со кои тие се соочуваат, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски.

Со новата мобилна апликација секој жител кој ќе забележи оштетена урбана опрема во Општина Центар, како прегорена сијалица, оштетена клупа, дупка на некоја од сервисните улици или некој сличен комунален проблем, ќе може да испрати фотографија која претходно ќе биде геолоцирана со цел да се добие информација за точната локација на проблемот. Фотографијата веднаш се испраќа до надлежните служби за решавање на конкретниот проблем, а граѓаните ќе добијат повратна информација откако истиот ќе биде решен.

Апелирам до жителите активно да се вклучат во пријавувањето на комунални проблеми на територија на општината, бидејќи редовно ги следиме пријавите и ги санираме проблемите за кои имаме ингеренции. Исто така, би сакал да ги замолам граѓаните за трпение и разбирање во случаите кога е потребен подолг временски период за решавање на предочениот проблем бидејќи понекогаш неопходно е вклучување на повеќе служби и ресурси, изјави Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.