Граѓаните кои сакаат да ги посетат вечните почивалишта на најблиските тешко можат да стигнат до гробовите. Причината се големиот број на улични кучиња кои се собираат во скопските гробишта, а за кои градските служби немаат очи. Скопјанка, која денеска се обиде да стигне до гробното место на нејзин близок, вели не успеала од страв дека ќе биде нападната од огромното куче кое не сакало да се тргне.

Ѝ кажале дека вчера едно од кучињата нападнало постара жена на истите гробишта. Вели ни едно од кучињата немало ознака дека било заловено, стерилизирано или вакцинирано.

Скопјани година и половина беа без соодветна служба за справување со бездомните кучиња по затворањето на „Вардариште“. Градоначалникот Петре Шилегов долго го најавуваше новиот стационар, на истото место, а сега кога конечно е отворен – граѓаните не ја гледаат разликата.

Во полицискиот билтен, како и кога не работеше фамозната „Лајка“, па така и сега, регистрирани се по минимум еден искасан граѓанин дневно. Граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека стационарот воопшто не ги реши проблемите, зошто улиците сè уште вријат од кучиња скитници. Во градот се пребројани и забележани во регистар околу 2.500 кучиња скитници, а стационарот располага со 50 бокса. Според протоколите, доколку заловените кучиња не се вдомени, тие се враќаат на истата локација.

Тука е и скандалозниот случај со пребегнат домашен миленик, расно куче, по кого сопствениците трагале цел месец, за конечно да го видат огласен за вдомување од страна на „Лајка“, од каде им барале 300 евра за да им го вратат.

Револтирани се и активистите, според кои „Лајка“ воопшто не ги решава проблемите од корен, туку продолжува со тактиката од „Вардариште“.

Па така, овој февруари здруженијата за заштита на животни, како и индивидуални активисти пред ЈП „Лајка“ одржаа мирен протест со барања за итно разрешување на в.д. директорката на претпријатието.

Наталија Трпковска од Здружението „Шепасти ентузијасти“ која се обрати на протестот, побара од градоначалникот на Град Скопје итно да отпочне постапки против актуелната в.д. директорка за да, како што рече, спречи понатамошна злоупотреба на службената должност. Бараат јавен повик за назначување на таа позиција на долгогодишен активист-волонтер кој ужива углед меѓу активистите.

Дел од барањата на здруженијата се ЈП „Лајка“ веднаш да се отвори за јавноста секој ден, а не само еден ден во неделата и тоа со закажување и итно да почне со масовни стерилизации и кастрации на бездомни животни. Во најкус можен рок јавно да се објават сите документи поврзани со работата на ЈП „Лајка“ што, како што наведуваат, е законска обврска. Да се укинат постојните и да се изработат усогласени со закон обрасци со кои ЈП „Лајка“ воспоставува формално-правни односи со граѓаните.

„Лајка“ не е приватен стационар, туку е јавно претпријатие. Бараме итно да ни дадат информација за кучињата и да ни дозволат да ги видиме, ако сè уште се тука, рече активистика на која не ѝ било дозволено да ги види кучињата за кои претходно се грижела, а кои биле заловени и донесени во стационарот.

Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека ЈП „Лајка“, за кое годишно од секоја општина ќе се префрлаат по 32 илади евра, функционира само како пи-ар фасада, со оглед на тоа што во место каде што треба да се згрижуваат бездомни кучиња се вработени нестручни кадри, одгледувачи и продавачи на скапи кучиња, дресери без лиценца …

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.