Успешни практики од сите региони во Македонија, низ проекти во земјоделството, екологијата, шумарството, а кои се директно поврзани со климатските промени беа споделени со јавноста денеска на првиот ден од одржувањето на Националната конференција за клима.

Конференцијата е дел до тригодишниот голем проект „Да зборуваме за климатските промени“ што го организираат „Еко-свест“, CNVP и Движењето на екологистите на Македонија.

На присутните им се обрати Штефен Худолин, раководител на секторот за операции на Делегацијата на ЕУ. Тој го поздрави одлично сработениот проект и влогот посебно во периодот на пандемијата и нагласи дека Европската Унија и во иднина ќе ја поддржува Македонија во заедничката европска борба со климатските промени.

Ана Чоловиќ – Лешоска истакна дека од огромна важност е потребата граѓаните ефективно да се вклучат во процесите на донесување одлуки кога станува збор за климатските промени, но и решавање на локални проблеми.

Ќе продолжиме да го анимираме граѓанското општество. Оваа година е многу клучна за многу закани што ќе го постават патот на нашата држава кон позелено општество, рече Чоловиќ-Лешоска.

Таа ги истакна целите на самиот проект и го сподели задоволството од реализацијата и од соработката со сите здруженија и учесници во проектот. Позитивните искуства на неколкуте партнери како дел од потгрантовата шема докажа дека проектот ги реализирал своите цели.

Идејата беше да се зголеми капацитетот, транспарентноста и одржливоста на граѓанските организации од различни сектори во земјата преку формирање на коалиција за климатски промени на национално ниво со цел поголема вклученост во креирање на јавното мислење како и зголемено влијание и учество во развојот на политиките на локално и национално ниво. Целта на проектот беше да се подигне свеста кај македонските граѓани за важноста на справување со климатските промени во сите сектори и на сите нивоа на одлучување како клучен придонес за постигнување на успешен процес на пристапување кон ЕУ, рече Чоловиќ-Лешоска.

Конференцијата ја поздрави и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини кој го изрази задоволството што во наредните две недели ќе се зборува за напредокот и амбицијата што ги има постигнато нашата држава во рамките на климатските процеси и меѓународната акција, како и можностите за зајакната соработка и остварување на постигнатите цели и таргети.

Зелената транзиција и климатската акција бараат интерсекторски ангажман и посветеност, високо ниво на соработка и креирање на синергии во процесите од сите чинители во општеството. Ние како Министерство сме отворени и секогаш ги поддржуваме активностите на граѓанскиот сектор. Преку него ги слушаме барањата и очекувањата на граѓаните и ги вклучуваме во процесите на донесување на одлуки, а од друга страна, како Министерство ги споделуваме нашите податоци, знаење и експертиза при спроведувањето на нивните проекти, рече Нуредини.

Нехат Рамадани, директорот на CNVP ја истакна одличната соработка со „Еко-свест“ и ДЕМ.

Лиле Симеоновска, претставничка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се осврна на приоритете на ова министерство. Факторот дека имаме голем процент на деградирани шуми, неразвиената шумска инфраструктура, немањето систем за мониторинг на моменталната состојба на шумските ресурси на национално ниво влијае врз потенцијалот за развој на шумарството, истакна таа.

Климата е обврска на човештото – и оттука да размислвуаме глобално, да дејствуваме локално – се согласија учесниците.

За тоа колку е важно да се јаде локалната храна, зборуваше Катерина Јордановска од „Слоу фуд Водно“.

Ако секој од нас направи мала промена во личниот избор на храна што ја консумира и избира да купи храна од локалните производители, ќе има огромно влијание врз климатските промени, сподели Јордановска.

Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ е финансиран од Европската Унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.