Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов доследен е во намерата да не открие кои се спонзорите кои ќе платат 100.000 евра за новогодишниот настап на Дино Мерлин на плоштад.

Средствата за музичките ѕвезди кои настапуваат на самата Новогодишна ноќ, како во минатите така и оваа година, се финансирани од страна на спонзори и за нив Градот Скопје не издвојува дополнителни финансиски средства. Ние како институција сме задолжени само за јавните финансиски средства издвоени од нашиот буџет и не можеме да коментираме за средства дадени од донатори – велат од Град Скопје.

Оттаму како да го превидуваат фактот дека токму настапот на Дино Мерлин беше помпезно најавен пред два месеца од страна на градоначалникот на Скопје, коj патем во таа прилика наметна илузија дека босанскиот пејач за новогодишниот настап ќе добие, ни помалку, ни повеќе, туку 0 денари. Отпосле, дури кога српските медиуми објавија дека за настапот во Скопје Дино Мерлин ќе добие 100.000 евра, Шилегов се одважи да ја искоментира оваа сума, ама со Фејсбук статус, нагласувајќи само дека Градот не дава пари, туку спонзори. Притоа не се одважи да каже кои се тие спонзори. Воедно останува нејасно зошто на постерите за најава на настапот на Дино Мерлин стои само Град Скопје, а не се наведени и спонзорите кои ќе платат за неговиот настап. Вообичаено досега спонзорите даваат пари, како би се рекламирале, што во овој случај не е така.

Вчера актерката Јелена Жугиќ за Република искоментира дека Шилегов треба да ги обелодени спонзорите кои даваат баснословна сума пари за настап на музичка ѕвезда, релативно непозната за тинејџерите кои најверојатно ќе ја дочекаат Новата година на плоштад. Таа изрази сомневање дека зад овој „дил“ се крие некој бизнис-интерес кои допрва треба да биде валоризиран. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ при Советот на Град Скопје побара средствата наменети за настапот на Дино Мерлин да бидат пренасочени кон добротворни цели.

Во врска пак со парите потрошени за новогодишното украсување на Скопје и Винтерленд, од Град Скопје велат:

Град Скопје одвојува финансиски средства за Новогодишното украсување на булеварите и централното градско подрачје, зимското село Винтерленд, поставувањето на централната елка и новогодишниот огномет и тие средства се објавени јавно!

Инаку според објавените бројки, градот за украсување потрошил 300.000 евра, а Винтерленд освен од Градот Скопје, финансиран е и од мобилниот оператор А1.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.