Одделението за превенција при СВР Скопје почна кампања „Лето без пожари“ со активности на паркингот на Средно Водно. Кампањата се одвива во соработка со Град Скопје, Противпожарната бригада на Град Скопје и Црвениот крст на Град Скопје, Општина Карпош и ЈП „Паркови и зеленило“ со цел превенција од пожари на отворено во летниот период.

Градот Скопје активно се вклучува во кампањата „Лето без пожари“. Апелираме за внимателност при движење во шумите, како и при движење на отворени простори заради превенција од пожари, предизвикување на општа опасност и загрозување на животот, здравјето и имотот на граѓаните, да не се фрлаат догорчиња и отпушоци на отворен простор, да не се пали оган на отворено, со што заедно ќе придонесеме за зачувување на шумите и истите да ги оставиме во наследство на идните генерации – изјави портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Од страна на Противпожарната бригада на Град Скопје ќе се направи обука и симулација на гасење на шумски пожар на вработените од Паркови и зеленило на Град Скопје и заинтересираните граѓани и рекреативци.

Полициски службеници ќе остваруваат средби со рекреативците посетители на ,,Парк шумата Водно”. По случаен избор ќе запираат патнички моторни возила и на возачите ќе им се укажува за можните ризици од појавата на пожар, штетите од евентуалната појава на пожари на отворено и укажување од можните последици од палењето на оган на отворено.

Активностите ќе продолжат во летниот период преку остварување средби со граѓани и следење на состојбата на терен, превентивно делување со цел намалување на предизвикани пожари од невнимание.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.