И откако преспавме, со бистри глави слободно можеме да ја потврдиме синоќешната констатација – катастрофална прослава на европска титула! Без концепт, без режија, без идеја, прилепено, шлапнато колку да се мине на редот. Град Скопје годинава покажа како не треба и не смее да се организира пречек на европски миленици национални победници.

Вардарци успееаја да ја покорат ракометна Европа, а да ги освојат срцата на стариот континент, но не успеаја да разбудат чувство на национална припадност, на национална среќа, единство и заедништво во срцата на организаторите од Град Скопје. И можеме да зборуваме дека Вардар е приватен клуб, играчите професионалци од речиси сите краишта на светот, но успехот е национален. Успехот на Вардар, како и оној на Кометал Ѓорче Петров, ќе биде запишан во националните успеси. И колку и да е Вардар приватен клуб, странска инвестиција, оние луѓе кои останаа без ветениот превоз до аеродромот, тоа не се ни најмалку. Тие се даночни обврзници, и излажани граѓани. А Градот Скопје несериозен буџетски корисник.

Да почнеме редум колку беше се погрешно организирано и колку сета таа организација имаше само една цел – да ја расипе журката, да ја уништи забавата и да ја спласне еуфоријата. Зашто толпата зрачеше со несакан наплив на патриотизам, зашто од плоштадот ечеше „Едно име имаме“, „Никогаш Северна, само Македонија“, „Излези, момче“… а тоа мораше некако да се стивне.

Град Скопје имаше најмалку 24 часа да организира пречек како оној во 2017. Или подобар. Но никако полош.

Градоначалникот Петре Шилегов се потопори да каже дека на негово барање градот ќе обезбеди и премии за играчите, ќе плати чартер лет од Келн до Скопје, со кој ракометарите ќе стигнат порано од предвиденото (иако по две-три одложувања, стигнаа малку порано отколку како да патуваа со редовна линија), но не кажа чија била идејата бината да се постави попречно на плоштадот за да собере помалку луѓе и какви се тие „административни пречки“ што досега не ги минале ракометарите, па да треба нивното пристигнување во Скопје да се одлажа неколку пати.

Вардарци беа пречекани на биниче, небаре ќе настапува „Златно славејче“ (без намера да ги навредиме славејчињата). На тоа биниче, на кое едвај ги собра 19-члената екипа и членовите на стручниот штаб, водител немаше, па ракометарите беа оставени самите да се снаоѓаат и по часови минати на аеродромот во Келн, да изигруваат водители на непостоечка програма. До толку непостоечка што, на пример, државната химна беше изведена на средина од престојот на ракометарите на бината. И по препаната ноќ се уште е нејасно зошто им требаше химната на средина од „програмата“.

Пред спортскиот центар „Јане Сандански“ немаше доволно автобуси за да ги префрлат навивачите до аеродром. Градот вети дека обезбедил. И токму кога зовре незадоволството, Шилегов на Фејсбук нè информира за „административните пречки“ и дека авионот ќе доцни.

Навивачите стигнаа на аеродрмот, но наместо во 18.00 часот, како што објави Шилегов, авионот во Келн полета во 19.20, па наместо во 20.30, вардарци слетаа во Скопје по 21.30. И оттука, сè тргна наопаку.

На аеродромот владеше еуфорија, достојна на големата победа. Таму беа нивните Комити, Ноќните волци.

Со придружба на Ноќни волци шампионскиот автобус гласно и бучно помина низ Маџари, Автокоманда, Аеродром, и преку портата „Македонија“ стаса на плоштадот „Македонија“. А таму, Волците и Комитите се удавија во спласнатата толпа со утепана желба за прослава, атмосфера тенденциозно разладувана 3-4 часа со „Скопје“ од Леб и сол и „Ој, Вардаре македонски“ во изведба на Виолета Томовска.

Се добива впечаток како некој да работел системски, плански и макотрпно во тие 24 часа за организација за да ја убие еуфоријата, да ѝ ги одземе децибелите на толпата, а со тоа и да ги замолкне и ракометарите, кои ѝ ја посветија победата на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.