Градот Скопје ќе додели парична награда во вредност од 600.000 денари за авторската екипа и на протагонистите на документарниот филм „Медена земја“. Ваква одлука се очекува да донесе Советот на Град Скопје, на денешната седница, соопштија од Град Скопје.

Оваа награда се доделува за придонесот на ова филмско ремек-дело за афирмација на нашата земја и култура во светот, како и за промоција на вистинските човечки вредности и односот кон животната средина од која зависиме и која треба да ја чуваме. Градот Скопје со овој чекор ја потврдува својата заложба за поддршка и афирмација на културата, со надеж дека ваквиот позитивен однос ќе ги поттикне културните работници да творат и да создаваат незаборавни дела, велат од Градот.

Филмот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов освои многубројни награди на престижни филмски фестивали низ светот, а беше номиниран и за Оскар, во категориите Најдобар документарец и Најдобар интернационален филм. Приказната за Атиџе, одгледувачката на диви пчели, ги освои срцата на гледачите, но и на филмските работници, и испрати силна порака за важноста на здравата и чиста животна средина и за зачувување на рамнотежата во природата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.