Скопје како еден од најзагадените градови во Европа, ќе стане првиот град на Западен Балкан кој ќе воведе систем на брз автобуски превоз (БРТ), рече градоначалникот Петре Шилегов на потпишувањето на договорот за кредитирање со ЕБОР во вредност од 70 милиони евра.

Договорот предвидува воведување на приоритетни автобуски коридори со хибридни автобуси за побрз и пофреквентен јавен превоз. Новиот систем на БРТ предвидува намалување на емисијата на јаглероден моноксид од над 95 отсто, на ПМ честичките за приближно 90 отсто и нитроген оксид и јаглероден диоксид за најмалку една четвртина.

Горди сме што Скопје е првиот град на Западен Балкан кој го воведува БРТ. За граѓаните на Скопје ова е остварување на сонот после 40 години. Добиваме подобар транспортен систем согласно нашите потреби. Добиваме брз, безбеден и одржлив јавен транспорт, кој ќе биде атрактивен, и ќе овозможи намалување на сообраќајниот метеж и аерозагадувањето, истакна Шилегов на денешната прес-конференција.

Анди Аранитаси, претставникот на ЕБОР, договорот го опиша како голем чекор во унапредување на транспортните услуги на Скопје и дека со овој превоз ќе се намали користењето на приватните автомобили.

Справување со загадувањето во Скопје е приоритет и ја поздравуваме посветеноста на властите за одлучна и брза акција, каде ЕБОР стои подготвен за целосна поддршка, што се покажува и со денешното потпишување на овој проект, рече Аранатиси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.