Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски вели дека до него не допираат заканите и дека нема намера да се повлече од решавање на деценискиот проблем на жителите од улица „Банско“ во Црниче. Вели дека е одлучен и дека ќе оди до крај.

Имено, откако пред околу една недела го расчисти узурпираниот дел од улицата, денеска повторно истиот проблем, по што градоначалникот се огласи и преку социјалните мрежи.

-Иако сѐ уште се слушаат последните крици на бандитизмот и заштитените од системот, повторно блокирајќи со возила и мислејќи дека како во минатото и овојпат исто ќе поминат! За разлика од минатото, овојпат правда ќе има, одиме до крај и нема повлекување по ниедна цена! Иако пред неколку дена на улицата ,,Банско” го исчистивме целиот потег, го припремивме за поставување на бекатон плочи и возилата беа отстранети, лицето заштитено од системот повторно го узурпира државниот имот и попречува фирмите да си ја завршат својата работа, односно тука да има улица како што впрочем е по ДУП. За да не дојде до инцидент, бидејќи заштитениот од властите е видно вознемирен поради тоа што знае дека ерата на бесправно владеење, узурпурање и изживување со недолжното население заврши, ние повторно поднесовме уредно барање до СВР Скопје во кое што бараме нивна асистенција за фирмата да може нормално да работи, односно да го заврши потегот за проектирање на улицата. Асистенција побаравме и поради фактот што, како што напоменав, повластениот видно вознемирен упатуваше и закани повикувајќи се на високи функционери во МВР, за кои нормално очекуваме институциите да реагираат и да докажат дека нешто се променило, во спротивно ќе знаеме дека живееме во полициска држава во која владеат само ,,избраните”, вели Ѓорѓиевски.

Тој ги повика МВР, обвинителството и сите надлежни интитуции за оваа проблематика да постапат, за како што рече, да престане ова самоволие и конечно да се излезе од стегите на корумпираниот систем.

Системот мора да функционира. Ние, мора да имаме правна држава. Јас одам до крај, јас не се повлекувам. Кај мене закани НЕ ПАЛАТ и токму поради тоа на ова место улица наскоро ќе има! Градежните активности ќе продолжат во наредните денови. Улица ќе има и жителите на ,,Банско” ќе можат слободно да се движат, го имаат мојот збор, објави Ѓорѓиевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.