Во бурна и напната атмосфера, со довикувања и надвикувања, на денешната седница за советнички прашања советниците од сите политички партии во Советот на Град Скопје бараа одговори од градоначалничката Данела Арсовска и од директорот на ЈСП „Скопје“ Александар Стојковски. Советниците прашуваа зошто не се плаќа долгот на приватните превозници, поради што тие престанаа да возат и нема доволно автобуси на улиците, па со саати се чекаат возила на постојките. Превозниците денеска направија вистински хаос во градот со својата блокада на крстосницата кај Судска Палата, каде паркираа повеќе од 30 автобуси.

Градоначалничката и директорот на ЈСП повторно истакнаа дека за време на нејзиниот мандат возниот парк на ЈСП бил зголемен за двојно повеќе автобуси, а како што посочи директор на ЈСП, можеби некому му пречи тоа што што ЈСП станува вистински сервис на граѓаните и станува подобар превозник од приватните превозници.

ЈСП на почетокот на овој мандат работеше со 140 исправни возила. Во изминатите 12 месеци се ставија во функција 270 исправни возила. Мојот впечаток е дека сите ние тука сме да го штитиме јавниот интерес. Доколку треба да го штитиме приватен интерес и приватни џебови, тоа е друго – рече Арсовска. Во тој момент еден од советниците од место ѝ дофрла на градоначалничката: „Не лажи“.

Седницата продолжи со прашања од други советници, кои се интересираа за истиот проблем, но според одговорите и текот на дискусијата ништо не навестува дека во скоро време би можело да се изнајде решение што ќе ја одблокира раскрсницата кај „Мавровка“

Ние сме тука во интерес на граѓаните, доколку некој решил да го опструира јавниот интерес нека му е на чест – рече градоначалничката Арсовска, одговарајќи на прашање на советникот од СДСМ и коалицијата во Град Скопје, Гордан Шутаров.

Шутаров побара одговор од Арсовска колку картички им се издадени на приватните превозници и колку од нив се продадени, бидејќи, како што рече, обвинувањата на градоначалничката дека тие се продавале, а не се пријавувале фискални сметки се многу сериозни.

Ако велите дека имало такви злоупотреби, кажете колку билети се издадени од јавното претпријатие и за нив не се платени пари. Тие билети некој мора да ги издаде, не може приватниците да ги добијат од мене или некој советник. Покажете колку такви карти се издале ако е точно тоа ваше тврдење, бидејќи приватните превозници велат дека такви карти не земале од ЈСП – рече Шутаров, советник од СДСМ.

Возачите од приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ утрово ја блокираа крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“ во центарот на Скопје и најавија дека блокадите ќе продолжат и во наредните денови на повеќе крстосници, се` додека не се седне на маса и не се реши проблемот кој го предизвика Арсовска. Сопствениците на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ присуствуваат на седницата на градскот Совет.

Ниту Арсовска ниту Стојковски не одговорија како и кога ќе се надмине проблемот, туку им порачаа на приватниците да го тужат Градот и ЈСП и така да си го наплатат долгот. Не појаснија ниту како утврдиле дека се издавале билети кои приватниците ги продавале и парите си ги ставале во џеб, како што претходно обвини Арсовска.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски ги праша Арсовска и Стојковски зошто досега не е подмирен долгот и кога ќе се подмири, затоа што додека тоа не се случи јавниот превоз во Скопје ќе биде во колапс.

Сте виделе ли дека луѓе со саати чекаат на станиците, сте виделе ли дека автобусите се преполни. Граѓаните доцнат на работа и мрзнат по постојките. Не можете да велите „нека не` тужат“, па ако го тужат Градот после ќе треба да се плаќаат пенали и судски трошоци и пак ќе нема ЈСП пари, па ќе барате од нас да гласаме да им се дадат субвенции – рече Андоновски.

Советниците реагираа дека градоначалничката и директорот на ЈСП не одговараат на прашањата што им се поставуват, туку зборуваат на сосема други теми. Советникот од ЛДП Никола Пановски револтиран од ваквиот однос на Арсовска ја напушти седницата.

Десет месеци го трпам ова ваше однесување односно неодговарање на прашања. Немате култура на одговарања прашање. Ниту едно прашање не сте одговориле досега од почетокот на мандатот. Јас ќе ја напуштам седницата, а службите нека ми го земат слободно паушалот што ми следува од оваа седница – ѝ рече Пановски на Арсовска и излезе од салата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.