Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје спроведуваат низа вонредни акции со цел хигиената и чистотата на јавните површини да се подигне на највисокото можно ниво, обемот на активностите е двојно зголемен, а подигнувањето и транспортот на комуналниот отпад од над 5.500 контејнери поставени на територијата на градот Скопје продолжува да се одвива секој ден во неделата, соопштуваат од Јавното претпријатие.

Но, ѓубрето се собира само до 16 часот, зошто претпријатието нема дозвола од Министерството за информатичко општество и администрација да работи за време на полицискиот час, кога улиците се празни и многу поефикасно ќе ја завршат работата.

Ова се нашите херои, работниците што и во време на пандемија секој ден го собираат комуналниот отпад во градот Скопје. Би сакале да ја информираме јавноста дека согласно воведените мерки, ЈП Комунална хигиена-Скопје работи само првата смена, но ги вложуваме сите напори да се одржи континуитетот во подигнувањето и транспортот на комуналниот отпад, односно сите надземни и подземни контејнери да бидат испразнети еднаш во текот на денот. Додека траат посебните мерки, приморани сме да ја редуцираме динамиката на собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад од над 84.000 канти во индивидуалните домаќинства што во претстојниот период ќе се одвива еднаш во неделата и апелираме граѓаните да имаат разбирање за овие одлуки, изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.

Од таму додаваат дека секојдневно спроведуваат машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на поголемите булевари и улици во сите скопски општини, како и рачно миење и дезинфекција на најфреквентните јавни површини во централното градско подрачје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.