Државното земјиште на локацијата „Треска“ во Центар да биде парк со големина од 9.000 метри квадратни, а да се изгради и градинка, бара градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Јас уште во предизборниот период зборував дека ќе се залагам за хуман урбанизам и тоа навистина го спроведувам“, вели Герасимовски, во интервју за Локално, образложувајќи што бара од градежниците како би се заштитил јавниот интерес кај поранешна „Треска“.

Во „Треска“ бараме изградба на објекти од јавен интерес како градинка, но и многу зеленило. Без разлика што актуелниот ДУП од 2012 година предвидува само 5% зеленило, Општината има побарување просторот да се уреди согласно Законот за урбано зеленило кој предвидува задолжителен процент зеленило на градежна парцела од најмалку 20%“, вели Герасимовски.

Градоначалникот побарал од сопствениците на приватните имоти, освен почитување на законскиот минимум за зелени површини, на таа локација да има дополнително и парк со што би имало многу повеќе зеленило од предвиденото според ДУП-от.

Покрај почитување на законскиот минимум со обезбедување зеленило како партерно уредување, во тој опфат има и државно земјиште од околу 9.000 м2 кое би сакале да се реализира во голем парк. Тоа е многу повеќе зеленило кое не е планирано со ДУП-от, а го надминува и законскиот минимум, што пак го потврдува фактот дека не се окупира целиот простор само за нови градби. Јас постојано повторувам дека се залагаме за зелен Центар и сакаме нови и поголеми зелени површини во општината. Парковите и зелените површини не можеме целосно да ги направиме на приватни парцели, но силно ќе се залагаме за максимална реализација на нашите барања од страна на сопствениците“, изјави градоначалникот на Општината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.