Генералниот секретар на Град Скопје го повика МВР да реагира за блокадите и да преземе мерки бидејќи одреден личен интерес врши штета на Градот и граѓаните

Генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров, денеска одбегна да одговара на новинарски прашања во врска со блокадите и сообраќајниот хаос во главниот град и ги упати новинарите да испратат прашања на електронската адреса.

Во кратката изјава тој обвини дека блокадите се поради политички и лични интереси на поединци.

На крајот од изјавата рече дека тука сака и да заврши бидејќи имаат обврски кои ги „притискаат“ со оглед дека Градот е блокиран и во извршување на јавните дејности на самата градска администрација.

„Застој во однос на вршењето на јавниот превоз поради ЈСП нема туку целиот застој е поради блокадата која евидентно има политички одек. ЈСП има капацитет и работи во полна кондиција. Во оваа насока, го повикуваме МВР да реагира согласно законски овластувања да преземе мерки бидејќи одреден приватен личен интерес врши штета на Градот, граѓаните, како и сите чинители и жители на Градот Скопје“, рече Глигоров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.