Министерот за здравство Венко Филипче вечерва го осуди собирањето во кафуле во општина Аеродром, при кое, како што рече, биле прекршени апсолутно сите препораки и протоколи.

-Прекршени се апсолутно сите принципи на превенција на болеста, го гледав видеото, не се почитуваше ниту задолжителната дистанца, ниту носењето маски. Ние бевме сведоци и се уште сме дека таму каде што има прекршување на овие протоколи за функционирање всушност се пренесува вирусот и настануваат мини кластери. Добро е што веднаш реагираа соодветните институции, рече Филипче во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5.

За разлика од некој период претходно, според Филипче, сега и инспекторатите и сите други институции кои треба да вршат контрола го прават тоа многу поагилно и поажурно.

-Не можеме ние како здравствени работници сами во оваа борба. Мора граѓаните да се свесни дека се исклучително важна алка во целиот тој синџир. Сфаќам дека е тешко, апсолутно, ова е практично нов начин на живот на функционирање. Не е само кај нас, тоа е насекаде во светот – се промени секојдневието, начинот на функционирањето, на патувањето, социјализацијата, целокупно е променет целокупниот тој процес во однос на тоа што беше нормален живот и функционирање претходно посебно кај нас, посебно во земјите кои го имаат истиот темперамент како нашите луѓе, нашиот менталитет итн. Посебно апелирам до младите луѓе. Мора да се воздржат од такви собири. Јас знам дека сакаат да се дружат, знам дека сакаат да одат и во училиште. Всушност, еден дел од младите луѓе и ни упатија таква директна порака и имавме и добри средби со претставниците на средношколците на кои укажавме кои се медицинските епидемиолошки причини, зошто не треба повеќе млади луѓе да бидат концентрирани на едно место, посебно во затворена просторија сега во овој период, потенцира министерот за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.