Во согласност со најновите заострени мерки на Владата и Комисијата за заразни болести, трката „Есенска 5К“, којашто требаше да се одржи на 31 октомври, ќе се одржи во формат и времетраење прилагодени на околностите предизвикани од здравствената криза.

Како што информираат од здружението за спорт и рекреација Прв до врв од Скопје, кои се организатори на трката, наместо масовна трка на пет километри во еден ден, трката ќе трае цел месец и ќе се состои од два дела.

Првиот, т.н. виртуелни квалификации, во кои учесниците почнувајќи од 31 октомври па се до 25 ноември, ќе се натпреваруваат преку свои индивидуални активности во трчање на 5 километри, а чии резултати ќе ги споделуваат во виртуелната платформа на ПРВ ДО ВРВ. Вториот дел, ќе биде реална финална трка со најдобрите петмина од виртуелните квалификации и ќе се случи на 29 ноември – велат организаторите.

Како што потенцираат од здружението, овој изнуден модел има и свои предности, а пред се, што сега во трката ќе можат да учествуваат и натпреварувачи од цела Македонија, ќе може да се учествува за време на виртуелните квалификации со неограничен број на активности, а најдобриот резултат ќе им биде земен предвид при рангирањето…, но, пред се, ваквиот формат на трка во преден план ги става заштитата на учесниците од зараза и е во склад со пропишаните мерки за спречување на ширењето на корона вирусот.

Сите пријавени учесници за трката, автоматски се пренесуваат во виртуелната трка, а сите оние кои го испуштиле рокот за пријавување, сега можат да се приклучат кон натпреварот и можат да се пријават најдоцна до 15 ноември преку веб страницата www.prvdovrv.mk.

Мерењето на времето е со користење на бесплатната апликација „Strava“, чии податоци автоматски се преземаат од платформата на Прв до врв. Секој учесник може да оствари повеќе активности, во било кое време во деновите додека трае трката, а најдобриот резултат ќе биде земен предвид при рангирањето.

Најбрзите тројца во машка и женска конкуренција на финалето кое ќе се одржи во Скопје на 29 ноември, ќе бидат наградени со златен, сребрен и бронзен медал, како и парични награди од 3000, 2000 и 1000 денари.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.