Под мотото „Боите на независноста“ во недела кај Школка во Градскиот парк ќе биде организирана прослава по повод 8 Септември – Денот на независноста. Прославата ја организира Владата, а најавено е и обраќање на премиерот Зоран Заев.

Од Владата најавуваат богата културно-уметничка и забавна програма. Ќе настапат Петко и „Пет плус“, „Ај кју“, Виолета Томовска, Елита Зибери и диџејот Драган Б. Костиќ.

Како што соопштуваат од Владата, граѓаните ќе имаат можност да уживаат во традиционалната храна, да учествуваат во спортски активности и да ја видат изложбата на деца од малите групни домови. На штандот на Министерството за здраство граѓаните ќе можат да измерат крвен притисок и да извршат очен преглед, а припадниците на МВР и АРМ ќе изведат показни вежби.

Владата на Република Северна Македонија ги кани сите граѓани во недела на заедничко чествување во Градскиот парк во Скопје. Маниефестацијата е со почеток во 11 часот пред Школка. Под мотото „Боите на независноста“ ве покануваме заедно да ги прославиме боите на слободата, радоста и убавината, рече владиниот портпарол Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција во Владата.

Одбележувањето ќе почне со положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на вечните почивалишта на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и на поранешниот претседател Киро Глигоров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.