Четири години најголемата болка на ВМРО ДПМНЕ им беше поразот во Гази Баба. Очигледно таа болка се уште ги прати, вели поранешниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски во реакцијата на прес конференцијата на Димче Арсовски.

Мака мачеа четири години како секој проект за развој на општината да го блокираат. Кочеа донесување на буџет во сред пандемија, а еден од проектите кои уште од 2019 година го кочеа е токму и проектот за СМАРТ осветлување.

Овој проект предвидува етапна комплетна замена на сите улични светилки со смарт штедливи светилки. Конкретно во овој повик станува збор за замена на 4000 улични натриумови светилки со лед светилки.

Да ви ја разјасниме и дилемата во новата лага зошто бил распишан нов јавен повик. Затоа што претходните повици се однесуваат за одржување на постојните линии со натриумови светилки, а овој повик е за набавка и поставување на смарт лед светилки. Две сосема различни работи.

Авансното плаќање е предвидено во тендерските услови и служи за набавка на дел од техничката опрема предмет на јавната набавка, бидејќи остатокот од инвестицијата предвидено е да се плаќа одложено на 36 рати и тука повторно нема ништо спорно.

Изведувачот пред добивањето на авансот, согласно договорот, треба да приложи банкарска гаранција до општината што е и услов за исплаќање на авансот за набавка на техничката опрема, што значи повторно нема ништо спорно.

Рокот за имплементирање на овој договор е 8 месеци, односно наплатата на преостанатите 80% од средствата се извршува по целосното имплементирање на проектот.

Она што вие Димче Арсовски треба да го прашате новиот градоначалник е зошто до ден денес се уште нема дадено налог на фирмата за да започне со поставување и замена на уличното осветлување со новите лед светилки.

Зошто кочи проект кој на општината и носи финансиски придобивки со вкупна годишна заштеда на 70% од досегашните трошоци за одржување на уличното осветлување, а предвидената заштеда беше планирана да се пренасочи за поставување на соларни панели за основните училишта и детски градинки во општината.

Арсовски со лаги не може да ја прикрие неспособноста на нивниот градоначалник кој за овој период од скоро 100 дена не започна ниту еден проект.

Очекувам следниот прес на ВМРО ДПМНЕ да биде со прашање до нивниот градоначалник зошто населените места на Скопска Црна Гора веќе скоро 10 дена немаат вода за пиење, се вели во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.