Два милиони евра од ребалансот на буџетот ќе легнат на сметката на Град Скопје за реализација на проектот клучка на булевар Словенија.

Постапката за изградба на клучката кај Момин Поток ја почнавме пред два месеци. Со овие два милиони евра од Владата ја продолжуваме третата фаза од проектот. Со тоа овој дел од градот ќе добие нови сообраќајни стандарди, брз и безбеден сообраќај. Вкупната вредност на проектот кој треба да овозможи поврзување со Обиколница е 11 милиони евра, вели градоначалникот Петре Шилегов.

Станува збор за третата фаза од сообраќајното решение за овој дел од градот која предвидува проширување во булевар на улицата „Хасан Приштина“ до Обиколницата, а наместо семафор на крстосницата со „Словенечка“ да има клучка.

Проектот за ова сообраќајно решение е готов, а откако ќе се усвои ребалансот на буџетот во Собранието и парите се префрлат на сметката на Градот, ќе се распише тендер за изведувач.

Шилегов вели дека до крајот на месецов треба да биде избрана фирма која ќе ги гради кружниот тек кај „Хубо маркет“ и клучката кај Момин Поток, со што летово би стартувале градежните работи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.