Вложувале во изградбата на дуќаните на Цветниот пазар пред 9 години, а сега стравуваат дека ќе ги изгубат. Цвеќарите бараат одложување за еден месец на објавениот оглас на 6 јули, за давање под закуп на дуќаните, по пат на јавно наддавање и средба со надлежните од „Паркови и зеленило“. Стравуваат дека на лицитацијата, на која може да се појави било кој правен субјект, поради нелојална конкуренција ќе останат без единствениот извор за егзистенција.

Ние не сме против да се качи закупнината. Но знаете , на секоја лицитација има „кртови“ кои што ја качуваат лицитацијата енормно. И дури уценуваат , да не лицитираат, смета Никола Петров-претседател на Занаетчиска комора-Скопје.

Ние учествувавме со сопствени финансии во изградбата на објектите. А, сега се доведени до можност да останат без деловно седиште, каде што вршат дејност веќе 9 години. Се работи за правни субјекти кои постојат долги години со вработени лица, од чии бизниси егзистираат цели семејства на сопствениците на фирмите и нивните вработени, вели Љупчо Тренески-  претседател на секција Цвеќари при ЗКС.

Од „ Паркови и зеленило“  одговараат дека се за соработка со нивните коминтенти, но дека огласот сепак ќе биде спроведен.

Огласот ќе се спроведе според законските прописи, со рамноправно учество на сите пријавени учесници кои ги исполнуваат условите, пропишани во Огласот и за секој локал, поединечно, велат од ЈП „ Паркови и зеленило“.

Дуќанџиите од Цветен пазар бараат од надлежните да изнајдат решение за да останат да работат непречено следниве неколку години на оваа локација, додека не бидат дислоцирани на друго место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.