Екипите на јавните градски претпријатија од вчера и во текот на денешниот ден се на терен и интервенираат по невремето кое го зафати Скопје.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ за МИА информираат дека нивни екипи интервенирале вчера и денеска, а дежурни екипи ќе работат и попладне и во текот на ноќта, ако има потреба. Денеска паднало дрво, врз возило во Автокоманда. Нивните екипи го ослободиле возилото, а гранките се тргнати.

Вчера екипите интервенирале на улица „Вич“ во Карпош 4, спроти градинката „Орце Николов“, каде имало едно паднато дрво. Имало интервенција и во Карпош 2, на улица „Шекспирова“ каде имало паднати гранки кои се отстранети во текот на вчерашниот ден. Во Ѓорче Петров, кај Пазарчето, на улица „Македонска војска“ исто така имало паднато дрво, а во текот на вчерашниот ден екипите интервенирале и на Водно, во близина на амбасадите, каде имало паднати и искршени гранки.

Поради најавите на обилни врнежи проследени со силен ветер и грмотевици во скопскиот регион до крајот на неделава, од „Паркови и зеленило“ ги предупредуваат граѓаните на претпазливост и да внимаваат да не ги паркираат своите возила под високите дрвја, со цел да се избегне настанување на штети и несакани последици.

Од ЈП „Водовод и канализација“ за МИА информираа дека на терен нема поголеми интервенции поради невремето. Екипите се излезени на време и сега засега не е предизвикан застој во движењето.

Од ЈП „Водовод и канализација“ соопштија дека по обилните врнежи од дожд и засилениот ветер нивни екипи во текот на вчерашниот ден почнале со активности за расчистување и непречено функционирање на атмосферската канализациска мрежа. Активностите, како што најавија, ќе продолжат и денеска, со расчистување и проверка на функционалноста на сливниците и шахтите во сите општини на територијата на Град Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.