Градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција соопшти дека по двегодишна тешка, напорна, но истовремено и искрена и принципиелна борба депонијата „Дрисла“ е вратена во системот на Град Скопје.

Во периодот што следува, за исправноста на работењето на депонијата „Дрисла“ ќе одговара Град Скопје и јас лично како Ваш градоначалник. Создадени се услови во текот на утрешниот ден да биде разрешен сегашниот директор на „Дрисла“ и именување на нов в.д. директор, а по седницата на Советот на Град Скопје закажана за 29 јануари, да бидат избрани управен и надзорен одбор на сега веќе градското јавно претпријатие за управување со комунален отпад – рече Шилегов.

Тој додаде дека по завршувањето на оваа постапка ќе ги повика сите надлежни институции и заинтересирани граѓански здруженија и асоцијации, сите заинтересирани граѓани поединци да помогнат заеднички да се направи анализа на досегашното работење на депонијата и заеднички да ја утврдат фактичката состојба во овој сега веќе градски капацитет.

Ќе повторам, Град Скопје и јас лично како градоначалник сме гарантот за исправноста на целосното идно работење на „Дрисла“. Жал ми е што заради некомпетентност и базично незнаење демонстрирано од претходната владејачка гарнитура неповратно изгубивме цели 9 години. Во периодот што следува прва грижа на Градот ќе биде „Дрисла“ да стане прва санитарна депонија која ќе применува современи технологии за управување со отпадот и целокупниот нејзин економски потенцијал ќе биде ставен исклучиво во служба на граѓаните – нагласи Шилегов на денешната прес-конференција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.