„Дрисла“ станува повторно јавно претпријатие во надлежност на Градот Скопје. Одлуката е донесена денеска на петтата вонредна седница на Советот на Град Скопје, на која, исто така, беа поништени претходните договори и постапки за давање на „Дрисла“ под концесија.

Советот на Град Скопје изгласа одлуки со кои се поништува претходната одлука за избор, но и се поништува целата постапка за избор на концесионер на депонијата „Дрисла“, со што по осум години правни игри, шпекулации и правни перипетии успеавме Град Скопје да го извадиме од тие лавиринти и конечно да ја исчистиме состојбата со претходно сериозно водена контроверзна постапка за избор на концесионер во „Дрисла“, изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов по завршувањето на седницата.

Тој образложи дека со тоа „Дрисла“ се враќа повторно во системот на Град Скопје како јавно претпријатие. Претпријатието, како што рече, ќе треба се реструктуира, да се основа со нов Управен одбор и со нов менаџмент се со цел да се воспостави целосна контрола и врз „Дрисла“, но и да можат да се креираат нови комунални политики во Скопје.

Според него, изминатите осум години Градот немал соодветен партнер во „Дрисла“ и очекува дека по ова ќе може да се зборува за еден сосема нов поинаков начин и на функционирање на „Дрисла“ и на креирање на комуналната политика во главниот град.

Шилегов ги образложи правните моменти во врска со овој случај.

Кога настана смената на концесионерот, ако ја прекиневме во таа фаза постапката, тогаш Градот ќе го изложевме на сериозен ризик на тужби за надомест на штета од двете фирми во таа постапка и заради тоа беше и таква одлуката на Советот. Јас тогаш кажав и сега повторувам – Јас сум гарантот за доследно спроведување на договорни обврски на субјектите што соработуваат со Град Скопје. Кажав на седницата на Советот и пак ќе повторам – За овој град јас сум подготвен да направам компромис со секого, но, со овој град нема да правам компромиси со никого, нагласи Шилегов.

Одговарајќи на новинарски прашања, скопскиот градоначалник рече дека за него во овој момент императив е одлуките што ги донесе Советот да бидат имплементирани, а „Дрисла“ да стане повторно јавно претпријатие, а потоа во една помирна атмосфера да се изврши сериозна анализа за тоа кои се можностите и какви се реалните потреби на главниот град и дури потоа да се влезе во евентуално некоја нова постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.