Секој одговорен сопственик треба да ги микрочипира домашните миленици, а нивното напуштање е казниво со закон. Ова се двете пораки кои од денеска по скопските улици ќе ги пренесува автобусот број „2“ како дел од кампањата за благосостојба на животните што ја спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Автобусот што сообраќа на реалацијата Автокоманда – Сарај е веќе облепен со „паролите“ и така ќе вози низ градот еден месец.

Кампањата е за одговорно сопствеништво, официјално почнува денеска и е во рамки на ИПА проектот „Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи”. Акцентот на предвидените активности (работилници и едукативни настани со деца) е ставен на потребата од стерилизација и микрочипирање на милениците како едни од основните мерки за намалување на популацијата бездомни животни.

Уште еднаш сакаме да укажеме на обврската за одговорно сопствеништво. Потсетуваме и апелираме сопствениците до крајот на годинава да ја искористат можноста за бесплатно микрочипирање на милениците. Рокот трае до 31 декември – рече директорот на АХВ, Зоран Атанасов на промотоивниот настан во Министерството за земјоделство.

Здравствената заштита на животните и нивната благосостојба се на највисoко ниво во ЕУ, а надлежните се обидуваат тоа да го пренесат и кај земјите-аспиранти за членство. Како што истакна проектниот менаџер Костас Супилас, се применуваат и правила за здравје на растенијата кои, исто така, треба да станат пракса во потенцијалните членки на Унијата. Затоа се и ИПА проектите, како вид поддршка во оваа насока.

Лани беше забележан голем напредок во хармонизацијата на законодавството во вашата земја, но и натаму има области кои треба да се подобрат, а тоа се безбедноста на храната, благосостојбата на животните, контролата на штетни организми и употребата на пестициди. Овие порашања ќе се земат предвид во овој проект – напомена Супилас.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски претходно подвлече дека заштитата на здравјето на луѓето, животните и растенијата кај нас се приоритет. Но, моментно, додаде, се соочуваме со предизвици во однос на исполнувањето на фитосанитарните барања за земјоделските производи од пакетот на европското законодавство за официјални контроли кои стапуваат во сила за неполни два дена.

Во овој контекст, потребно е градење цврсти институции што ќе гарантираат спроведување и почитување на европските стандарди. Од друга страна, потребни се земјоделски производители кои ќе работат согласно новите барања, посебно во однос на одржување и контролирање на здравјето на растенијата и правилната употреба на пестидици – рече Димковски.

ИПА проектот почна во јануари годинава, а треба да заврши во декември 2020 година. Финансиран е од ЕУ со 1,6 милиони евра. Се очекува да ги зајакне административните капацитети на институциите и да ги подобри контролите во интегрираниот систем на безбедноста на храната. Голем дел од проектните активности се насочени кон кампањата за одговорно сопствеништво, односно благосостојба на животните, но ќе се спроведат уште три кампањи: за квалитет на сурово млеко, за означување храна и за систем за нештетно отстранување нус-производи од животинско потекло. Проектот треба да спречи внесување карантински штетни организми, употреба на заштитини препарати при производство на храна, како и нивна ефикасна контрола.

Следната, 2020-та, ќе биде Меѓународна година на здравјето на растенијата, а како што најави министерот, и земјава ќе се вклучи во одбележувањето преку информативни капмањи, трибини и промоции под мотото „Здрави растенија, здрав живот“.

Според АХВ, досега се чипирани вкупно 72.311 миленици од кои најмногу кучиња.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.