На денешен ден 1994 година беше емитувана првата епизода на К-15. Првиот скеч почнува како дебатна емисија, на која експертите Тошо Малерот и Миле Паника одговараат на прашањето: Зошто Скопје смрди ко мишка?
30 години подоцна, на Скопје му се случува нешто далеку полошо:
Данела Арсовска
За скопската градоначалничка во оваа „славна“ рубрика место има секоја недела. Бирајте од неисполнети ветувања, распад на институциите, незавршени проекти, па преку ѓубре и смрдеа, преку Зоолошка, Водовод, Комуналец, до арогнацијата кон граѓаните и соработниците и изживувањето врз вработените. Неделава, погодувате, тука е поради јавниот превоз.
Како од „бесплатен превоз“ стигнавме до никаков превоз?
Како од „модерно Скопје“ стигнавме до рурална Индија?
Како од „менаџерка сум“ стигнавме до и она што работеше веќе да не работи?
Арсовска ретко одговара на прашањата на новинарите (ретко им се појавува и на задолжителните седници на Совет на Град Скопје, па веќе не се ни вреѓаме). Ама кога конечно ќе одговори, тоа секогаш личи исто – некој друг е крив!
Така во овој, неделниов хаос со јавниот превоз (ги имаше многу и ние не може да ја дофатиме со архивирање), за Арсовска повторно виновнен е друг.
Арсовска како небулозно го оценува образложението на Бирото за јавни набавки за поништената набавка на гориво еуродизел за автобусите на ЈСП „Скопје“ и вели дека не може да се зборува за подобра или полоша понуда за набавка на гориво, во ситуација кога цената е регулирана од страна Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Она што беше дадено како образложение во јавноста, односно како причина за (поништување н.з.) на самата набавка за нас е небулозно затоа што не можете вие да имате подобра или полоша понуда за набавка на гориво каде што цената е регулирана од страна на Регулаторната комисија на Република Македонија. Таа е иста цена за сите, не може да биде поголема или пониска, не може да се наддава на таа цена затоа што цената е веќе одредена од Регулаторната комисија за енергетика, рече скопската градоначалничка во интервју за ТВ Телма.
Во име на целата јавност, би прашале само – ШТО?
Набавка, тендер, Регулаторна – што од овие зборови е битно за јавноста? Зошто било кој обичен човек, за кој за нормално функционирање на неговиот и и животот на неговите деца, како одење на работа, на училиште, излегување, му зависи од јавниот превоз – би требало да се занимава со овие работи?
Зошто било кој кому не е му е тоа работа би се занимавал со ова?
Зошто било кому би му било гајле со какви проблеми се соочува Арсовска?
Па, тоа ви е работа, градоначалничке! Менаџирајте!
Не ја замарајте јавноста. И сама може да види колку смрди мишката. Секој ден го живее тоа.
Проблемот со превозот и овојпат се среди. Арсовска повторно потрча за помош кај, како што ја нарече, „секташко менталната Влада“. Владата повторно излезе пресрет. Нафтата е набавена, а Арсовска дури и рече „Благодарам“.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, синоќа од Белград најави нов предлог проект кој е во фаза на анализа за набавка на 100-120 електрични автобуси кои што нема да бидат распределени само за ЈСП-Скопје, туку и за општини каде што има организиран јавен градски превоз.
Затоа што, како што веќе (со право) реагираа граѓаните од останатиот дел од земјата – не е само Скопје Македонија. Не може за скопските проблеми, голем дел создадени токму од неспособната „мајка на градот“ да се трошат народни пари. Не може покрај оние 500 илјади, заложници на една личност да се сите граѓани на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.