Деновиве до Левица пристигна анонимна пријава од вработени во ЈСП Скопје кои се под притисоци и закани од директорот Кристијан Чушков, велат од партијата.

Како што велат тие, Директорот на ЈСП со закани за отказ и притисоци врз раководителите ги бара сите вработени да го прекинат својот одмор и веднаш да се вратат на работа во време на ваква ситуација. Дел од вработените, исплашени од ситуацијата со вирусот, со одобрение на раководителите на сектори и одделенија, решиле да користат законски годишен одмор и да седат дома. Воедно, тие лица што немале стар одмор за 2019 година и веќе го искористиле претходно, поради што го користат новиот законски одмор за 2020 година, ќе добиеле отказ по налог на директорот Чушков. Дополнително, работниците кои го искористиле одморот од 2019 година веќе се вратени на работа, со објаснение дека не смее да го користат законскиот одмор кој им следи додека не се укине јавниот превоз или додека не се надмине вонредната ситуација, се вели во соопштението од Левица.

Од таму потенцираат дека Јавните претпријатија мора да се организираат ефикасно во услови на вонредна состојба, при што во ниту еден случај не смее да биде загрозено здравјето на работникот, или истиот да подлежи под притисоци.

Истовремено ја информираме јавноста дека и овој случај е пријавен до надлежните институции и очекуваме истите да реагираат веднаш и непристрасно да ја констатираат фактичката состојба. Доколку се утврдат неправилности во работењето на директорот Чушков, мора истиот да понесе одговорност. Воедно ги повикуваме и охрабруваме работниците да ги пријават сите кршења на работничките права, закани и притисоци со што соодветно би можеле да реагираме, велат од Левица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.