Општина Центар денеска соопшти дека собира предлози за име на новиот Младински центар.

Сите граѓани кои имаат желба, можат да го дадат својот придонес, да ја посетат веб страната на Општина Центар, centar.gov.mk и во полето предвидено за предлози за име на новиот Младински центар да го внесат својот предлог. Победничкото име ќе биде јавно објавено по завршувањето на собирањето на предлозите и изборот на победничкиот предлог, стои во соопштението.

Во рамки на проектот за зајакнување на општинските совети, Општина Центар во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП, го реконструираат објектот на поранешно „Матично“, кој за многу кратко време ќе стане современ општински Младински центар, соопшти денеска Општина Центар.

Реконструкцијата опфаќа поставување нова фасада и покрив, внатрешно уредување на објектот, реконструкција на санитарниот јазол, промена на внатрешниот водовод, санирање на фекалната канализација, нови санитарии, ново електрично осветлување, телефонско и компјутерско вмрежување, видео мониторинг систем, како и громобранска и против пожарна инсталација.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.