Конкурсот на Град Скопје за Универзална сала предизвика доста реакции меѓу скопјани, кои одбиваат објектот да се урне. Свое гледиште има и актерот Драган Спасов-Дац.

Објавувајќи фотографија од, како што пишува, двојникот на Универзална сала – Софискиот циркус, изграден во 1962 година кој изгорел во 1983, Дац објаснува зошто е потребна нова сала.

Нашата Универзална е изградена од бугарска фирма по земјотресот во Скопје во 1966 година. Ваква уште една имало и во Варшава, а архитект на трите зданија е Бугаринот Ерослав Станков.
Со овој објект ме врзуваат многу спомени, прво како гледач уште од најраната моја возраст кога ме носеа на проекции на цртани филмови, потоа одев на разни приредби согласно со мојата возраст, потоа на концерти, свечености…
Потоа од публиката се преселив на сцената како актер, водител, пејач, режисер.
Универзална ме чекаше секогаш кога ќе дојдам, дали во публиката или на сцената и секогаш без исклучок сум се чувствувал пријатно во неа. Ги сакам дури и гардеробите во кои тешко е да се свртиш со некој пораскошен костим. А до гардеробите се оди по едни тесни скали кои не можат да се користат за време на некој настан затоа што додека се симнеш од нив, отиде твојот дел. Затоа сите изведувачи за време на некој настан беа напикани во еден “џеб” од самата сцена во кој имаше столчиња ставени до радијаторите за да можат да се згреат. Фуреше од сите страни. Универзална е стара лименка во која на лето е пекол, а во зимо е ледарник.
Салата е правена за повеќе намени, но секогаш имала проблем со акустиката. Најпрвин на целата купола однатре беа лепени картонски пакувања за јајца, кои изгледаа многу грдо, додека не ги заменија со сегашните превртени печурки.
Универзална остаре, се изветви, замириса, на Универзална ѝ заврши животниот век во тој објект, тој е стар и демоде. Но, за среќа таа може повторно да оживее.
Универзална треба и мора да добие ново руво и потоа повторно ќе ги собира дотераните и напарфимираните гости кои ќе се гордеат со новото здание.
Да, ја сакам Универзална сала, но сакам да биде нова!, пишува тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.