Вработените во Црвениот крст на Македонија со писмо до нашата редакција се пожалија на нивниот третман од страна на раководството на организацијата, која наместо да се грижи за животите на луѓето, истите ги доведува во опасност. Имено по откривањето на два случаи на корона позитивни колеги, ракодовството дало налог за тестирање и изолирање на ним блиски луѓе, додека останатите треба сами да се тестираат на свој трошок, а ако сакаат изолација треба да си земат боледување. Од друга страна добиле вербални закани дека ако одат во изолација, тоа ќе има последици по нивниот натамошен работен ангажман.

Ова е нивното писмо во целост:

Би сакале да ве информираме за кршење на нашите права и непочитување на законите на Република Македонија за справување со Ковид-19 вирусот со што нашите животи се доведени во опасност од раководството на организацијата.
Минатата недела во Црвениот крст на Република Македонија (Централната канцеларија) се дијагностицирани два позитивни случаи на Ковид-19 (на кои во анкетите за контакт со лица им беше јасно што да престават) на кои раководството реагираше индиферентно со селективно тестирање и испраќање во изолација на „само него блиски“ вработени додека поголемиот дел беа оставени „доколку сакаат сами да се тестираат и да си ги сносат трошоците за истото а доколку сакаат да се изолираат да си земат „боледување“. Истите се со неможност да се самоизолираат поради вербалните закани дека тоа ке резултира како одсуство од работа и дека ќе има последици за истите!
Преку вас би да допреме до соодветните институции за флагрантното кршење на нашите права и доведување на нашите животи и животите на нашите семејства во опасност. Организација како Црвениот крст на  Македонија треба да биде пример за справување во ваква здравствена криза а не на најлош начин да ги крши сите правила за справување со неа.

Доведени во безизлезна ситуација се надеваме дека преку Вас ќе можеме да поставиме прашање до Министерот за Здравство Г-нот Венко Филипче за ситуацијата во Црвениот крст на Република Македонија во моментов околу инфицираните лица, дали ќе се интервенира да се тестираат сите вработени и до кога ке се толерира самоволието и кршењето на законите кое се случува со години наназад од страна на раководството на истата a правилата ќе важат само за одредени луѓе и ќе бидат само за на хартија за представување пред јавност, твелат во писмото вработените во Црвен крст на Република Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.