Скопје денеска одбележува три години од невремето што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица.

Попладнето на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер.

Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново.

Во текот на 24 часа на 6 август 2016 во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.

Невремето и поројот од вода предизвика пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.
Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите. 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.

Управата за хидрометеоролошки работи во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид – главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.

Своевиден метеоролошки феномен кој опстојувал неколку часа со континуирано регенерирање и формирање олујни жаришта, иако според патеката на движење прогнозата покажувала дека треба да помине во краток рок. Рекордниот интензитет на невремето што ја зафати Скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години. Вака УХМР го објасни тогаш невремето што ја погоди Скопската котлина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.