Општина Кисела Вода информира дека денеска било спроведено чистење на трите големи диви депонии во Теферич.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски извршил увид во работата на сезонските работници ангажирани од Општината и службите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, кои заедно работеле на отстранување на огромното количество депониран смет.

Се чистело и рачно и со механизација, а потоа со камиони на депонијата Дрисла се пренесени околу 40 тони отпад од секаков вид.

Продолжуваме со интензивно чистење на депониите низ Општината. Денеска се работи на Теферич, локација каде е евидентно колку досега не се водело грижа за животната средина. Заедно со „Комунална хигиена“, претпријатие во надлежност на Градот Скопје, излеговме во преземање на теренски активности со цел ефикасно да се справиме со непрописно одложениот отпад. Сепак, освен естетски, овој проблем има и друга, поголема димензија која го засега здравјето на луѓето и животната средина, во целост. Потсетувам дека интензивно работиме и на чистење на депонијата во Дупки, а ќе продолжиме со чистење и ремедијација на сите депонии на територија на Општината. Се надевам дека на овој начин ќе ја оплемениме животната средина, но и ќе ја подигнеме свеста кај граѓаните за потребата од соодветно одложување на отпадот, изјави Ѓорѓиевски.

Покрај чистењето на депониите во Теферич, сезонски работници денеска расчистувале и во населбата Драчево, на потегот околу улицата „Коперникова”.

Се собираше комунален отпад, се метеа и собираа паднатите лисја, а со цистерна се миеја улиците, плочниците, тротоарите и паркинзите, наведоа од Општина Кисела Вода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.