„Центарот на градот ќе стане нова пешачка зона. Преку дисперзија на сообраќајот од централното градско јадро и реконструкција на улица Македонија со дополнително зеленило и одвод, ќе овозможиме слободна пешачка зона од Старата скопска чаршија, преку плоштадот Македонија па сѐ до Музејот на Град Скопје (Старата железничка станица)“, порача независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска од центарот на градот на митингот што се одржа вечерва.

Таа посочи и дека во нејзината програма има голем број на проект за Центар, меѓу кои нови еколошки паркиралишта и гаранција за пристапност до секоја зграда во Центар. Вети дека посебно внимание ќе посвети на инфраструктурата за пешаци, и пристапни тротоари за лицата со физичка попреченост. Арсовска го повтори и својот план за Водно кој ќе стане вистински зелен штит на Скопје, преку континуирана грижа за парк шумата, со 24 часовната лупа на Водно, со редари кои ќе внимаваат на заштитата на природните богатства, но и безбедноста на посетителите, потоа доизградба на жичницата од Скопје до Средно Водно, која ќе ја надополни со навремен и квалитетен јавен превоз, со цел ослободување на Водно од возилата.

Ќе го решаваме и хаосот во сообраќајот преку нови кружни текови, еден од нив кај поранешна Нова Македонија и истовремено ќе направиме и нови велосипедски патеки, одржување на постоечките, а преку паметни системи за изнајмување велосипеди и електрични тротинети – Скопје ќе добие еколошка алтернатива на возилата.“ – изјави Арсовска.

Таа се обврза да работи и на реконструкција на Универзалната сала, едно од култните места за скопјани, за која како што посочи Арсовска, градоначалникот Шилегов ја најавил во ноември 2020, повторно ја најавил во март оваа година, за да започне со нејзина реализација десет дена пред официјалниот старт на кампања.

Тука од Центар, се обврзуваме да ја јакнеме и економската и претприемничката инфраструктура, со тоа што ќе почнеме меѓународен проект за изградба на првиот Технолошки парк во Градот Скопје – Скопје Инопарк. Да им дадеме шанса на иноваторите, претприемачите, старт ап-ите, луѓето со визија и храброст да отпочнат нешто ново, изјави Арсовска.


Во областа на културата таа најави одржување на најмалку 12 фестивали, за секој месец во годината.

Скопје еднаш беше центарот на збиднувањата во овој дел на Европа. Во соработка со уметнички групи и здруженија предвидуваме опремување на центри и хали за развој на урбаната култура и алтернативната уметност, аматерските музички бендови и други уметници. Запуштените и руинирани простори под надлежност на градот, ќе прераснат во центри на креативност, дружење, промоција и популаризација на музичките, ликовните, танцовите и сите други уметности, додаде Арсовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.