Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оствари средба со претставници на иницијативата „На Точак“, на која ги разгледа барањата кои се однесуваат на унапредувањето на условите за велосипедски сообраќај во рамки на општината.

Од средбата произлезе договорот при секоја нова градба да се поставуваат паркинзи за велосипеди, со цел поголема нивна употреба како превозно средство во општината, а напролет, општината ќе воведе и одредени денови како „Денови без автомобили“ и ќе бидат изработени стандарди и процедури за развој на велосипедска инфраструктура општината.

Општина Центар посветено работи на развој на велосипедската мрежа во сите населби. Мојата заложба е поголема употреба на велосипедите поради тоа што носат бенефити на долг рок, како за општината, така и за личното здравје на граѓаните. Ние мора да ги менуваме навиките со тоа што почесто ќе го употребуваме велосипедот како превозно средство. Всушност, со почестото возење на велосипеди ќе го намалиме сообраќајниот метеж, кој е сериозен проблем, особено во Центар, a и позитивно ќе влијаеме во зачувувањето на животната средина – изјави Герасимовски на средбата.

Тој смета дека сите локални самоуправи треба да имаат многу посериозен пристап при креирањето на проектите во општините. како што изјави, токму затоа, Општина Центар ќе инвестира во развој на велосипедска мрежа во сите населби.

Дел од барањата, кои до градоначалникот Герасимовски ги поднесе иницијативата „На Точак“, веќе се имплементираат и истите се однесуваат на слободни тротоари и квалитетен јавен простор, затворање на дел од улиците за сообраќај, особено во Дебар Маало, каде има премногу возила со што истите ќе се отворат за пешачење и возење велосипеди. Општина Центар и во следниот период со посилно темпо ќе продолжи да субвенционира велосипеди и велосипедска опрема и засилено ќе работи и на системот за изнајмување на велосипеди – информираат од Општина Центар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.