Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ попладнево изјави дека со добиеното мислење од Министерството за транспорт и врски излегува дека тврдењата на општината се неоправдани, но оти како општина ќе се потрудат со сите законски можности што им се на располагање, да ја спроведат политиката што ја наметаа и за другите донесени планови.

Согласно овие мислења што ги добиваме на некој начин нашите тврдења излегува дека не се оправдани. Нашето мислење го искажавме со елаборати, но во законот пишува дека треба да добиете мислење од Министерството за транспорт и врски. Нормално за ова одлучува донесувачот на планот, а тоа е Советот на општина Центар. Општина Центар ќе се потруди со сите законски можности, колку што може повеќе, да ја спроведува својата политика што ја има наметната и во изминатите донесени планови, рече Богдановиќ во централниот дневник на телевизија „Сител“.

Нагласи дека останува на ставот оти одлуката на Советот на општината била најисправна, но оти овој пат, како што рече, за жал, зависни се од други институции.

За сечењето на дрворедот на улицата „Орце Николов“ за што имаше реакции и од граѓаните и од невладините организации, Богдановиќ рече дека дрворедот ќе биде зачуван, а на оние места каде се исечени старите и шупливи дрва, ќе бидат засадени дрва од истиот вид.

Нормално е кога реконструирате улица, кога има стари дрва, да ги замените. Ја разбирам реакцијата на граѓаните, но мора да сфатиме дека некогаш мора да го обновуваме зеленилото, рече Богдановиќ, додавајќи дека 15 години имало дописи од граѓани кои живеат на тој потег дека имаат штета од скршени гранки.

Планот е, како што посочи, улицата да се прошири за пешаци и велосипеди, а жителите да добијат резидентен паркинг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.