Проблемот кој го имаат жителите на скопско Бардовци околу Прифатниот центар за странци кој веќе се гради во нивниот атар никако да биде посериозно разгледан од државните институции. Бардовчани неколку пати протестираа и опоменуваа дека е неприфатливо вакво градење без да се разговара со локалното население.

Бидејќи се игнорирани, тие уште еднаш се обидуваат со писмо да алармираат за недозволивата состојба на теренот. Имено, бардовчани денеска упатија отворено писмо – обраќање до претседателот Стево Пендаровски и министерот Оливер Спасовски и уште еднаш потсетија дека проблемот со Прифатниот центар за странци во Бардовци не е решен. Тие писмото го испратиле и до Дејвид Гир, шефот на Делегацијата на ЕУ, кого претходно исто така го запознале со проблемот.

-Јавно ви се обраќаме, за јавно да нè информирате, до каде се ветувањата што ни ги дадовте? Остваривме средби, за кои се надевавме дека нешто ќе придвижат, ќе променат. Се надевавме дека не се само протоколарни средби. И на тие средби долго разговаравме, многу аргументи ви приложивме. Добивме разни ветувања. Но, за жал немаме никакви информации за тоа кога ќе биде стопирана изградбата и дислоциран Прифатниот центар за странци што се гради до нашите домови!

Господине Претседател, ветивте дека со сите сили ќе се заложите! До каде се заложбите, до каде е работата? Не гледаме багери кои тргнале да ги урнат темелите на Центарот. Секако, такво нешто конкретно не ветивте, но ние се надевавме, најискрено! Ве молиме јавно да нè информирате, што за нас направи високата државна политика.

Господине Гир, дали има потреба од дополнителни материјали, дали не ја отсликавме реално состојбата, дали се заангажиравте за нашиот случај или и на ЕУ единствено ѝ е важно да се изгради Центарот кој го плаќа, без разлика што 1.700 граѓани го потпишаа своето незадоволство?!

Господине Спасовски, не видовме ваква точка на дневниот ред на Влада. Видовме само дека ви е поважна одлуката за тоа колкумина ќе седиме на маса и ќе пиеме по кафеани. Тоа побитно ли е проблемот на граѓаните на Бардовци.

Другите, со кои сме барале средба, или од кои сме барале помош и спас, а кои не нè удостоиле со одговор, ќе се препознаат самите, ним нека ѝм биде на чест!

Почитувани господа, чекаме информации, бараме будење!, напишале баровчани во писмото кое го пренесуваме во целост.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.