При денешната посетата на општина Аеродром, кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска се сретна со жителите од повеќе населени места од општината. На средбата разговараше за зголемениот интензитет на појава на проблеми, како и за реализација на проекти кои што би го олесниле животот и секојдневието на жителите на оваа скопска општина.

За одржувањето на зеленилото во општината долго време не може да се најде соодветно решение. Подобрување на инфраструктурата е сегмент што премногу ги засега жителите. Недостатокот на паркинг места е реален проблем за кој што аеродромци бараат итно решение. Изградба на сервисни улици е проект што никако да започне. Детални урбанистички планови за населените места во населбите нема ни на повидок, а урбанизација се одвива само онаму каде што постои интерес за нови згради. Реконструкција на здравствени установи и изградба на ново училиште и градинка во моментов е приоритет. Сметам дека оваа скопска општина за да го задржи епитетот на урбано, модерно и современо место на живеење, нејзиното раководство мора да започне со видливи промени, со стратешки решенија и концепти за реални проекти што на долгорочен период ќе донесат трајни солуции. Се залагам за тоа да се работи чесно и во интерес на барањата на жителите и јас ќе бидам првата што ќе започне вистински да ги воведува граѓаните во системот на креирање стратегии што ќе овозможат подобар живот за сите нас, изјави Арсовска на средбата со жителите на општина Аеродром.

Аеродром се смета за релативно млада општина, со поголем процент на помладо население, но нивното учество во креирање на политики од интерес за заедницата е на незадоволително ниво – и беше посочено на Арсовска од страна на помладите жители на општината.

Свесна сум дека младите во државата се незадоволни од општите состојби во општеството. Конкретно за Аеродром – општина со повеќе од 100. 000 жители од кои доминираат млади, фактот дека има недостаток на образовни иницијативи и спортски и културни објекти и настани е поразителен. Една од моите главни цели како иден градоначалник на Град Скопје е и младите жители да бидат задоволни од понудата на проекти, мерки и политики за нив. Да не дозволуваме повеќе нивниот одлив надвор од нашите граници да расте, потенцираше Арсовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.