Раководството на ЈСП денеска со неколку автобуси ја блокира улицата пред Владата, поради неисплата на долгот од околу два милиони евра, додека вработените протестираа во кругот на претпријатието, поради неисплатата на заостаната плата.

Секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров рече дека скопјани заслужуваат јавен превоз и ќе го добијат, без разлика на проблемите со кои што се соочуваат и без разлика на притисокот што се прави, како од МОН кој не ги исплаќа своите обврски од 120 милиони денари, така и од општините кои имаат долг од околу 40 милиони денари кон ЈСП. Долгот од МОН е за субвенции за вршење линиски превоз за студенти и ученици во средно.

Вработените во ЈСП заслужуваат плати и истите ќе ги добијат. Градот Скопје стои во целост зад нив. Овој притисок што се врши со неплаќање го доведува ЈСП во последните два месеци од функционирање во тековната година да има потешкотии, кои ќе се надминат. Платата не се доцни, се доцни два до три дена моментално и ќе биде реализирана согласно законските обврски, изјави Глигоров.

ЈСП, посочи Глигоров, има наследен долг од над 300 милиони денари и долг кон приватните превозници од над 90 милиони денари, но сепак, како што рече, успешно ги сервисира сите свои обврски.

Глигоров, исто така, изрази уверување граѓаните дека ќе го добијат превоз,тој  нема да биде прекинат и ЈСП ќе функционира во континуитет.

Александар Стојковски, в.д. директор на ЈСП, изрази уверување дека проблемот со платата ќе се надмине.

Плата вработените ќе добијат. Дека ние преговараме и кажуваме дека Владата ни должи, а нивните одговори дека не постои никаков долг, искрено кажано и за време на пандемијата ЈСП ги добивало тие средства и одеднаш зошто се прекинуваат, искрено и ние ги бараме тие одговори, изјави Стојковски.

Прашан, што доколку Владата не ги исплати овие средства, Стојковски рече дека ќе продолжат со радикализација и блокади.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вчера оцени дека станува збор за сериозен долг и најави дека автобусите на ЈСП „од утре ќе бидат пред Владата и останатите институции, се додека не бидат подмирени долговите кон ова јавно претпријатие“.Раководството на репрезентативните синдикати на ЈСП вчера најавија дека ќе штрајкуваат се додека не се реализира ветеното, но вработените нема да ја прекинуваат работата.

Од Владата пак, ги отфрлија обвинувањата за каков било долг кон Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.

Сабајлево, поради дојава за бомба, јавниот автобуски превоз беше во прекин.

Вработените во ЈСП денеска го почнаа протестот пред Владата и пред другите институции поради неисплакање на септемвриската плата.
Раководството на репрезентативните синдикати на ЈСП вчера најави дека ќе штрајкуваат сѐ додека не се реализира ветеното, но вработените нема да ја прекинуваат работата.

Привршуваат антитерористичките проверки на автобусите на ЈСП откако утрово беше примена дојава за бомба, а вработените со автобусите од Автокоманда се префрлаат пред Владата. Утрово тие излегоа пред дирекцијата на претпријатието во Автокоманда и порачаа: „Сите сме гладни“.

Aко денеска не добиеме плати утре во 16.30 ќе дојдеме со нашите семејства на протест. Сите сме гладни не може да си ги вршиме своите обврски и сите задно ќе бидеме за да го изразиме револтот од политичките партии и се надевам дека денеска ќе седнат и ќе се договорат, изјави денеска Миќо Стојановски од синдикатот на ССМ при ЈСП.

Африм Муча, претседател на независниот синдикат на возачите во ЈСП Скопје на денешната прес-конференција најави дека утре рано наутро заедно со семејствата ќе протестираат пред седиштето на ЈСП, ако денеска не им биде исплатена септемвриската плата, а автобусите нема да возат.

Утре се договоривме да дојдеме со семејствата во 4.30 часот сабајле. Градоначалничката и Градот Скопје земаа плата, тие се со полни стомаци, ние сме гладни. Денеска е 19ти, кога ќе добиеме плата, кога ќе јадеме? И ние имаме деца како што таа има деца и како што директорот има деца, рече Муча.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.