Реконструкција на шест игралишта во Сарај, како и реконструкција на две игралишта во средните училишта на Град Скопје се едни од главните проекти кои ќе се реализираат во третата фаза од летната градежна офанзива која ја најави градоначалничката Арсовска на денешната прес-конференција.

Во текот на месец август ќе продолжи реализацијата на капиталниот проект за реконструкција на улицата „Перо Наков“ во Маџари, Гази Баба. Станува збор за капитален инфраструктурен проект со кои ќе се реконструира една од најважните и најпрометни сообраќајници во овој дел од градот. Самата улица во моментов е во исклучително лоша состојба, коловозот и пешачките патеки се оштетени, а истата не е воопшто реконструирана од нејзината изградба пред неколку декади.

Со овој проект ќе се изврши целосна реконструкција на коловозот во должина од околу 2000 метри, а предвидена е и обнова на пешачките патеки таму кадешто постојат. Оваа сообраќајница секојдневно ја користат голем број на возила кои се движат во реонот на Маџари, Триангла и Ќерамидница, а на оваа локација е лоциран и Кванташкиот пазар, кој е еден од најпосетените пазари во државата.

Овој капитален проект ќе се реализира преку меѓуопштинска соработка помеѓу Градот и Општина Гази Баба, а за истиот Град Скопје има предвидено 51 милион денари.

Во август ќе започне и реконструкцијата на коловозот на бул. Кузман Јосифовски Питу во Центар, која е една од најпрометните сообраќајници во Скопје. Со овој проект ќе се изврши санација на коловозот на овој булевар во должина од околу 500 метри, на потег од крстосницата со бул. Кочо Рацин до крстосницата со ул. Никола Карев пред новата железничка станица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.