Можен референдум на кој скопјаните ќе изберат која опција е најдобра како решение за јавниот градски превоз во градот најави синоќа новата скопска градоначалничка Данела Арсовска. Во настапот на ТВ Канал 5 таа рече дека граѓаните треба да ги знаат сите информации околу брзиот автобуски превоз (БРТ) што го заговараше нејзиниот претходник Петре Шилегов (за кој рече дека има недостатоци) и нејзиниот концепт.

Чесно е да се презентираат овие работи пред скопјани и да одлучат дали е ова добро решение за нив. Јас понудив концепт за кој граѓаните се решија, но и споменав референдум. Има многу напади секојдневно и закани, но немам намера да потклекнам пред истите. Референдум е една од опциите кои може да се понудат дали граѓаните сакаат едно или друго решение. Референдумот како опција и треба да се практикува за решенија како што е БРТ кое ќе го оптовари буџетот на државата за 70 милиони евра, нагласи Арсовска.

Во својата изборна програма таа им вети на скопјаните бесплатен јавен превоз и набавка на 250 нови еколошки автобуси.

Арсовска синоќа соопшти дека претходните градски власти БРТ испланирале да потрошат 70 милиони евра без одлука на Совет на Град Скопје, а при што не се консултирани ниту граѓаните.

За БРТ превозот не постои ниту презентација пред Совет на град Скопје, ниту одлука од Советот, а тие се претставниците на граѓаните во градот. Преземале обврска дека ќе потрошат 70 милиони евра, а Советот не донел одлука, истакна таа.

Таа потенцира дека нема да презема нешто без да се консултираат граѓаните.

Немам намера да правам нешто без да ги консултирам скопјани, бидејќи тие не се консултирани за решението БРТ, рече Арсовска.

Таа додаде дека постојат и ризици од овој проект и граѓаните треба да знаат зошто БРТ не е најдобро решение.

Ризици се како отстранувањето на средишното зеленило од Партизанска, но поголем ризик е што под тоа зеленило се наоѓа главната водоинсталација за питка вода за Скопје. Дали скопјани биле запознаени дека треба да се гради нов мост кај мостот Обединети нации и истото не е вкалкулирано во буџетот од 70 милиони евра и дека новиот мост ќе е сериозна задача од финансиска гледна точка детектирано е но и од нормалниот живот. И тоа е дополнителен трошок од над 6 милиони евра, вели Арсовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.