Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски и директорот на ЈП Паркови и зеленило, Ангеле Сотировски, извршија увид на новата реализирана зелена површина на улицата Бутелска во населбата Радишани во општина Бутел.

Долгодишната дивна депонија сега е нова зелена површина од над 3000 квадратни метри, во првата фаза хортикултурно се уредени околу 1496 квадратни метри, а во втората завршна фаза хортикултурно се уредени уште 1500 квадратни метри.

Наместо долгогодишна дива депонија уредивме нова зелена површина на површина од над 3000 квадратни метри за граѓаните. Во оваа прва фаза на оваа површина засадени се над 200 зимзелени и листопадни садници. Продолжуваме со реализација на уредување и подигнување на нови зелени површини и зелени коридори во Скопје – изјави Арсовска.

Новиот парк за граѓаните на општина Бутел содржи нови патеки за пешачење, посебен систем за наводнување, зимзелени и листопадни дрвца, нови летниковци како и содржини за најмладите. Комплетно реконструирано е и фудбалското игралиште коешто се наоѓа во овој потег – истакна Костовски.

За комплетно уредување на оваа зелена површина, екипите на ЈП „Улици и патишта“ во средишниот дел на паркот изградија пешачка патека, поставена е заштитна ограда и заштитни столпчиња.

Градот Скопје, заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ и општините, продолжуваат со активности за уредување на нови зелени површини и формирање на зелени коридори низ населените места во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.